Џабе дадовте гол ние сме Реал Мадрид, па ќе тепаме на крај

40 меча без пораз е најновата рекордна серија на Реал Мадрид кој го мина ривалот Барселона која лани имаше 39 и го стигна Нотингем Форест кој во 1978-ма врза 40 средби без пораз. Но она што дополнително го прави Реал Мадрид голем клуб е карактерот да не се откажува до крај.

Само мал пад во играта и концентрацијата можеше лесно да влијае оваа историска серија на Реал Мадрид да не се случи. Зошто? Кралевите на последните 8 меча беа во ситуација 4 пати да бркаат негатива и успеаа во тоа или со други зборови не се даваат 90 и кусур минути.

На 3 декември гостуваа на Камп Ноу и беа многу блиску до пораз на Ел Класико бидејќи со голот на Луис Суарез во 53 минута, Барселона имаше во рака 3 бода се до 90 минута. Потоа на сцена стапи човекот кој е задолжен за расипување славје на противникот, Серхио Рамос кој скокна и во негов стил израмни на 1:1.

Веќе следното коло Реал повторно беше во слична ситуација. Со голот на Мората поведоа во 50 минута, но во 63-та и 65-та студен туш бидејќи на семафорот стоеше 1:2 за Депортиво. Дека ништо не е завршено најави Диаз во 84-та, а за целосен пресврт во 92-та се погрижи ај погодете кој? Серхио Рамос.

Третиот хичкок пресврт им се случи во финалето на Светското клупско првенство против Кашима на 18 декември. Сценариото на стартот беше исто како против Депортиво. 1:0 за Реал преку Бензема во 9 минута, а 1:2 за Јапонците во 44-та и 52-ра. Во пресвртите не би било логично да го нема најдобриот, Кристијано Роналдо. 60-та минута 2:2, 97-ма 3:2, 104-та 4:2.

Инаетот на Кралевите работи и во Копа дел Реј, а таму синоќа губеа од Севиља со 3:1. Во 83-та Рамос погоди од пенал, а во 93-та Бензема со овој одличен продор на кој му претходеше атрактивно проигрување со Марсело, израмни за 3:3.

Погодок кој значеше нов рекорд во шпанскиот фудбал од 40 средби без пораз. Следните предизвици на Реал се да ги стигне сериите на Ал Ахли (41) 2004-2005, Милан (42) 1992-1993, Јувентус (43) 2011-2012, Динамо Загреб (45) 2014-2015.

Со оглед на формата која ја држат и противниците кои им следуваат, тоа и не изгледа огромен залак. Прво ќе треба повторно да останат непоразени на гости против Севиља, овој пат во Ла Лига, па им следуваат дуели против Малага и Реал Сосиедад на домашен, па Селта и Осасуна на гостински терен.

Серијата на Реал почна на 6 април минатата година кога славеа во Лига на шампиони против Волфсбург на гости со 0:2 и од тогаш победија на 30 средби, одиграа 10 нерешени и освоија Лига на шампиони, Супер Куп на Европа и Светско клупско првенство.

Во таа низа 22 играчи постигнаа 115 гола, а тимот прими 39. Роналдо даде 26, Бензема 14, а Бејл 11 погодоци.

Светски рекорд во непобедливост и натаму останува онаа епска серија на Динамо Букурешт кој во периодот од 1986-та до 1989-та беше без пораз дури 106 средби.

13 јануари 2017 - 13:55