Динамо Загреб не сака да игра во регионална лига

На Балканот последните неколку недели гласно се зборува околу новата регионална фудбалска лига, а од УЕФА не само што дадоа зелено светло туку и одредија богат награден фонд за учесниците. Но Балканот не би бил Балкан ако нема потешкотии.

Идејата која што истекна од македонскиот фудбалски сојуз е лигата да биде составена од 24 клуба од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. Пред нокаут/елиминационата фаза ќе се игра групна фаза со по четири клуба во секоја група. УЕФА не само што даде дозвола за вакво нешто, туку и веќе осигурала пари за таквата лига.

Регионалната лига за сега има голем број поддржувачи, но не е мал бројот и на оние којшто се противат.

„Можеме само начелно да кажеме дека на ГНК Динамо приоритет му е хрватската лига и дека онаа регионалната, посебно во оваа форма која што се споменува во медиумите, со клубови исклучително од подрачјето на поранешната држава едноставно не нè интересира“, изјавиле од управата на Динамо Загреб за Индекс.хр.

Слични тонови доаѓаа и од Партизан којшто е нешто поумерен, додека од Сплит се воздржани.

„Било што во врска со оваа лига Хајдук може да зборува дури тогаш кога ќе добие службени информации. До овој момент се што знаеме е тоа што го читаме во медиумите. Со нас на ниво на клуб поврзано со регионалното натпреварување никој не контактирал“, велат од Хајдук.

Што се однесува до Ријека, лидерот во Хрватската лига во моментов, тие велат дека деновиве ќе ја разгледуваат идејата за регионална лига. Од ФФМ велат дека сите сојузи едногласно ја прифатиле идејата и се сложиле почетокот на овој проект да биде сезоната 2018/2019.

Белградскиот весник „Вечерње Новости“ пишува дека УЕФА спремила речиси 20 милиони евра за почетокот и дека секој клуб учесник би добил по 800.000 евра. Покрај тоа, УЕФА спремила и награди за пласманот а на клубовите ќе им остави да се договорат околу заработката од рекламите и ТВ правата.

Луѓето кои се противат на јадранската фудбалска лига најчесто велат дека безбедноста би можела да биде загрозена, а некои од нив се тврдокорни во ставот дека не би сакале ново „збратимување“ со клубовите од некогашната СФРЈ.

Васко Дојчиновски, првиот човек на македонската лига во својот нацрт план разработил шест групи со по четири клуба кои би играле шест кола. После тоа на пролет би се играло осмина-финале со реванши а финалето би било еден меч на неутрален терен.

„Натпревари од висок ризик има и во Лига на шампиони и во Лига Европа, нели? Се сложивме дека за таквите мечеви би требало да се применуваат посебни мерки на безбедност. Се водиме исклучиво од интерес на фудбалот кој мора да оди напред неоптеретен од политиката“, вели Дојчиновски за хрватскиот „Вечерњи Лист“.