Човекот што ги учи фудбалерите како да спијат

Тренери од ваков тип постојат, еве не сме знаеле. Но им требало долго време за да влезат во светот на спортот. Тоа дека не е препорачливо секс пред натпревар немало везе, исто како и старата теорија дека требало да се спие по 8 часа. 

Ник Литлхелс е поранешен голф играч и човек од маркетингот кој во 90-те години се запрашал зошто врвните спортски екипи не внимаваат на важноста на спиењето кај играчите. Го контактирал локалниот клуб, кој уствари е Манчестер Јунајтед.

„Отсекогаш сум бил фасциниран колку е важен природниот процес на опоравување. Работите многу се сменија. Технологијата и спортската наука дојдоа во првите редови“.

Претходните искуства на Литлхелс на оваа тема се тоа што учествувал во дизајнирање, производство и продажба на производи за спиење како кревети, душеци и перници.

Фергусон имаше увид за тоа што јадат играчите, како тренираат и колку се спремни физички, но немаше целосна контрола што прават откако ќе ја напуштат тренинг базата. Тој бил убеден дека спиењето е важно за нив, особено откако Литлхелс откри дека долгиот процес на опоравување од повреди кај Гери Палистер се должел на тоа што спиел на лош душек.

„Не можете никогаш да излечите проблем со кичма, но видовме некои значајни подобрувања, така што кај клубовите тоа предизвика дека има нешто од ова. До тогаш имаше општо прифаќање дека играчите ќе функционираат подобро ако имаат солидна отспиена ноќ, но немаше обиди за решавање на тоа правило. Јас само им ги отворив вратите“.

По 16 години Литлхелс стана водечка фигура во таа област кој ги проценува и ги истражува спалните соби на многу спортски ѕвезди од Челси, Реал Мадрид, репрезентацијата на Англија, како и на многу олимпијци.

Фудбалската асоцијација на Англија го ангажираше да патува заедно со репрезентацијата на Европското првенство 2004-та за да ги постави целите за полесно закрепнување на играчите односно да ги прилагоди креветите во нивните соби. Потег невиден во тоа време.

Тој се грижел и за климатизацијата во собите, контролата на температурата и осветлувањето. Креветите се прилагодени за луѓе меѓу 50 и 200 кила, но не и за потребите на спортистите. Според Лутлхелс овие услови се само добивка за играчите. Температурата е најдобро да се движи меѓу 16 и 18 степени, а најважен е креветот за спиење. Доколку не ги штиклира сите потребни полиња пред да се одбере хотелот, им препорачува друг.

Во однос на старата теорија која наложува спиење од 8 часа дневно, Лутлхелс вели дека секој има различно физичко и ментално опоравување, а за спортистите оптимално е спиењето од 90 минути во пет циклуси без разлика на распоредот.

Сите овие работи во последнава деценија се многу подостапни за самите играчи кои лежејќи во кревет со своите телефони и таблети може лесно да се информираат за сè што е напишано за нив на интернет.

Спортистите се секојдневно изложени на вештачка светлина, бидејќи навечер со часови зјапаат во телефоните. Таа силна светлина во комбинација со светлината на телевизорот ги одржува будни доцна до ноќта без контрола.

Лутлхелс не е на таква позиција за да им забрани да гуглаат и да твитаат за себе, како што било порано кога стручниот штаб ги држел што подалеку од весниците за да се концентрираат подобро на мечот и да бидат далеку од таа медиумска бучава.

Дополнителна тешкотија за ваквите тренери за спиење е тоа што младите спортисти растат со онлајн игрите и каде и да одат, од стресот кој им го создава професијата се релаксираат со тие игрици.

Во принците на работа на Лутлхелс не важи забраната за секс пред натпревар која ја нарекува апсолутна глупост, но многу од спортистите спијат сами, како што е на пример со фудбалерите на Реал Мадрид кои само тие имаат пристап до своите соби во тренинг центарот.

За тие што спијат со своите партнери, важно е да се разгледа големината на креветот, потоа дали на партнерот му одговара да спие во светлина или во темно. Лутлхелс смета дека тој што е деснак најдобро е да спие на левата страна на креветот, а левакот на десна.

Има чаре и ако двајцата се деснаци на пример. Роже Федерер на Вимблдон изнајми две куќи, едната за него и неговиот тим, а другата за жена му и децата.

23 јули 2015 - 16:05