Човекот на кој 12.684 дена му се обраќаат со претседателе

За Сантијаго Бернабеу си знаете. Тоа е стадионот на Реал Мадрид, крстен по еден од најважните луѓе во историјата на клубот кој од 1943-та до 1977-ма им беше претседател. Епа му го срушија рекордот.

Жорже Нуно де Лима Пинто да Коста е целосното име на претседателот кој од денеска го држи приматот со најдолг претседателски стаж во еден фудбалски клуб. Се работи за 35 години, исто колку што направи и Бернабеу во Реал, но Пинто да Коста во Порто го надмина и е на главната фотелја 12.684 дена.
 
Жива људина. Замислете, во 1982 година се играше Мундијалот во Шпанија кога Италија под водство на легендарните Дино Ѕоф, Џузепе Бергоми, Паоло Роси, Марко Тардели станаа шампиони и уште од тогаш Пинто да Коста е претседател на Порто. Го назначија на 17 април 82-ра, а сега сме 2017-та. Два различни века и милениуми.
 
Како почнал?
 
Се работи за амбициозен дечко кој уште на 20 години почнал да работи во Порто. Но не во фудбалскиот, туку во хокеарскиот клуб. По пет години го унапредиле во шеф на хокеарскиот одел на лизгалиштето, а за брзо време истовремено станал шеф и на одделот за бокс. Таму останува до 1971 година и потоа се повлекува.

Неговото враќање
 
Во 1976 година најпопуларниот оддел на Порто, а тоа е фудбалскиот клуб, се соочил со најголемата суша во историјата откако не успеал 19 години да освои трофеј. Во тој период нивните соседи, Боависта под водство на пријателот на Пинто да Коста и поранешен играч и тренер на Порто, Хозе Марија Педрото го освоиле првиот голем трофеј во нивна клупска историја.
 
Истата ноќ главната цел на Порто на трансфер пазарот, Бразилецот Амарилдо го грабнале во Боависта во последен момент. Пинто да Коста бил испровоциран од пријателите, меѓу кои и раководни лица на Боависта, дека тие се главен клуб во градот. Тоа го натерало да се врати во својот сакан клуб.
 
Контактирал со тогашниот прв човек на Порто, Америко де Са кој организирал избор за директор на Порто. Така во 1976-та Америко бил реизбран за претседател, Пинто да Коста за директор, а со Хозе Педрото ги договорил условите и станал тренер на Порто.

Подемот и првите успеси
 
Првите успеси под нивно водство се случиле во сезоната 1976/1977 кога Порто по 18 години го освоил Купот на Португалија познат како Taça de Portugal. Следната сезона го скршиле мразот и во првенството по 19 годишната пауза, а потоа и ја одбраниле титулата.
 
Откако не успеале да стигнат до три по ред, внатрешните спорови во врска со другите спортски секции влијаеле во ФК Порто и тоа довело до оставка на двајцата. За клубот тоа бил специфичен период наречен “жешко лето“ бидејќи по оставките, дури 15 играчи одбиле да играат за клубот.

Кам бекот на дуото
 
На 17 април 1982 година, Пинто да Коста станува 33-от претседател на Порто, а за тренер го вратил претходникот Педрото. Нивното партнерство требаше да има ефект врз целата структура на клубот. Педрото беше визионер и многу талентиран фудбалер, чија харизма како тренер беше уникатна. Во 1984-та стигнаа до првото европско финале во Купот на Куповите на победниците каде загубија 2:1 од Јувентус во меч полн со контроверзно судење. Тогаш Педрото беше болен од рак, поднесе оставка и за кусо време во 1985-та почина.

Европската титула и рекордната серија
 
За негов насленик беше назначен Артур Хорхе со кој во 1987-ма дојде првиот трофеј во Европа. Порто во финалето од тогашниот Европски Куп се соочи со Баерн Минхен и откако губеше 1:0 на полувреме, се избори за пресврт и најголем успех во нивната 100 годишна историја.
 
Најуспешната низа на домашни титули ја остварија во периодот од 1995-та до 1999-та кога со Боби Робсон (2), Антонио Оливеира (2) и Фернандо Сантос (1) стигнаа до рекордни 5 првенствени титули.

Ерата на Мурињо и Вилаш Боаш
 
Порто за најславниот португалски тренер беше отскочна даска во кариерата. За само две години од 2002-ра до 2004-та им донесе две титули во првенство, Куп, Супер Куп, Лига Европа и Лига на шампиони, втора во нивната историја.
 
Убава сезона за паметење за Пинто сигурно е и 2010/2011 кога со Вилаш Боаш, инаку роден во Порто освоија 4 трофеи: Првенство, Куп, Супер Куп и Лига Европа.

Пинто да Коста (74) со неговата девојка Фернанда Миранда (25)

Контроверзности
 
Пред 10 години португалскиот фудбалер се случи корупциски скандал наречен „Златно свирче“, а еден од обвинетите беше и Пинто да Коста. Дисциплинската комисија му изрече суспензија од две години, но Коста поднесе жалба и во 2009-та беше ослободен од обвиненијата.
 
Сè на сè газда Пинто кој на 29 декември наполни 79 години, од 1982-та до денес како претседател на Порто има освоено 58 трофеи од кои 20 во првенство, 12 во Куп, 19 во Супер Куп, 2 во ЛШ, 2 во ЛЕ, 2 во Интерконтинентален Куп и 1 Европски Супер Куп.

Нека го стигне некој ако може.
14 јануари 2017 - 14:54