Честито за трансферот во Русија, ама да ми платеше за свадбата

Бразилскиот репрезентативец Фернандо ќе заработува 3,5 милиони евра годишно и ќе остане должен во Италија 1.500 евра затоа што не му платил на фотографот. Дел од неговиот одговор за обвинувањата: А порцијата на мајка му кој ќе ја плати?

Кога Матео Николај добил работа од фудбалер на Сампдорија да му ја слика свадбата прифатил со ќеиф. Ем ќе се пофали во CV дека работел за познат фудбалер, ем сигурна и добро заработена пара од човек кој има милиони.

Но свадбата се случила на 24 декември минатата година, а Николај уште го чека долгот. Случка која не очекувавме дека може да се случи со фудбалер од Серија А каде парите не се проблем.

„Планирав да се откажам од тие 1.500 евра кои ми ги должи за сликите, но кога прочитав дека ќе прави трансфер во Спартак Москва каде ќе го плаќаат 3,5 милиони евра годишно, си реков дека за се постојат граници и отидов кај еден адвокат. Трошоците за свадбата си ги платив сам бидејќи ми рекоа дека ќе ми платат од после. Ја прифатив тезгата со задоволство и имавме добри односи, но никогаш не помислив дека ова може да ми се случи. Чекав, се јавувам и се обидов да го решам ова недоразбирање, но ништо од тоа. Бев и до кај него дома, ама џабе. Скандалозно е што овие привилегирани момци кои заработуваат милиони, вака постапуваат“, изјави фотографот во врска со неговото интересно “свадбено искуство“ со бразилскиот фудбалер.

Фернандо се вклучи во медиумската преписка и ја кажа својата верзија за свадбата. Крајот на изјава му е цепки.

„Ние не се познававме со него, туку тој беше контактиран од трето лице кое ни ја организираше свадбата. Цената за услугата беше 3.000 евра за фотографии и за видео кое не го добивме. По свадбата ни даде usb со сликите, ама освен 4-5 другите не ни се допаднаа. Бидејќи не бевме задоволни решив да му платам 1.500 евра, а другите не, бидејќи договорот беше така да го завршиме случајот. За сите слики што ги добивме мислевме дека 1.500 евра му се доволно, плус јадеше во ресторанот на наша сметка, а ја донесе и мајка му“.

24 годишниот Фернандо кој има 8 настапи за Бразил кариерата ја почна во Гремио, во 2013-та направи трансфер во Шахтјор Доњецк вреден 11 милиони евра, а во Самдорија замина за 8 милиони евра.

Не навлегуваме кој е во право, ама Фернандо во репликата можел да го рипне тоа со порцијата на мајка му.

22 јуни 2016 - 13:09