Бугарите и Србите копаат гробови по рецептот на Комити

Минатата недела навивачите на српскиот третолигаш Мачва Шабац, а пред два дена и навивачите на ЦСКА од Софија провалија на нивните стадиони и ископаа гробови на терените како што во 2007-та година тоа го сторија Комитите.

Непознати лица провалиле ноќта помеѓу саботата и неделата на стадионот на српскиот третолигаш Мачва од Шабац и ископале гроб на средината од теренот. Незадоволните навивачи поставиле и крст на кој пишувало „Втора лига или ова".

Немилиот настан најверојатно ги мотивирал фудбалерите на Мачва Шабац кои во неделата победија со 2:0 и сега заостануваат само 2 поени зад водечкиот тим.

Неколку денови подоцна истото го направија и навивачите на ЦСКА од Софија. На надгробниот камен тие го испишале името на копанијата Титан која е еден од спонзорите на клубот.

Овој начин на протест во 2007-та година го применија навивачите на Вардар во времето кога со клубот раководоеше Слободан Брацо Вујчиќ. Незадоволни од раната елиминација на Вардар од Купот на Уефа од кипарски Анортозис, „Комитите" провалија на Градскиот стадион, ископаа гроб на средината и расфрлаа стакла на теренот.

2 мај 2013 - 10:01