Бразил со непостоечки пенал до победа

Домаќините победнички го отворија 20 Светско фудбалско првенство благодарение на двата гола на Нејмар и погодокот на Оскар во последните мигови, но мечот го расипа јапонскиот судија Нишимура кој му подари пенал на домаќинот при резултат 1:1.

Селекцијата на Хрватска одлично му се спротистави на домашниот состав кој важеше за фаворит на овој меч. Јелавиќ во 11 минута ги шокираше домашните навивачи, а му помогна Марсело кој последен ја допре топката.

Кариоките се вратија резултатски во 29 минута со погодокот на Нејмар кој самиот си создаде шанса за гол и со прецизен удар од околу дваесетина метри го совлада Плетикоса.

Хрватите беа рамноправен противник, но клучниот момент кој фрли црна дамка на овој натпревар беше одлуката на Нишимура кој престрого го оцени контактот врз Фред во казнетиот простор.

Тоа беше психолошки удар за „Коцкестите“ кои немаа сили за израмнување, а по истекот на 90 минути Оскар ги постигна конечните 3:1. :

13 јуни 2014 - 00:04