Бегаат ли Интер и Милан од Лига Европа?

Фудбалерите на Милан веќе месец дена немаат победа во Серија А, Интер скоро два, а заедничко за двете екипи е што имаат газди од Кина. Можно ли е овие тајкуни намерно да го избегнуваат второто по ранг клупско европско натпреварување за свои бизнис интереси?

Интер – Милан 2:2, Милан – Емполи 1:2, Кротоне – Милан 1:1 и Милан – Рома 1:4. Ова се последните четири натпревари на Милан кој нема победа уште од 9 април кога го совлада Палермо со 4:0.

Торино – Интер 2:2, Интер – Сампдорија 1:2, Кротоне – Интер 2:1, Интер – Милан 2:2, Фиорентина – Интер 5:4, Интер – Наполи 0:1 и Џенова – Интер 1:0. Ова се последните седум резултати на Интер кој нема победа уште од мечот против Аталанта 7:1 одигран на 12 март.

Со оглед на тоа што фудбалот е бизнис, а Лига Европа не е доволно примамлива за богатите клубови, како што е Лига на шампиони, италијанските медиуми пишуваат дека газдите на Интер и Милан можно е да коваат заедничка стратегија да ја избегнат оваа не толку атрактивна лига.

Квалификациите за Лига Европа се играат на 27 јули, датум кој освен што налага поинаков план за летните подготовки, ги спречува двете екипи од Милано да го одиграа дербито во Нанџинг закажано на 24 јули, градот каде се наоѓа компанијата Сунинг која го поседува Интер.

Од финансиски аспект пласман во Лига Европа според порталот „Фудбал и финансии“ може да им донесе најмногу 14-15 милиони евра во кои се вклучени пласман, премии, маркетинг и заработка од карти, додека за пријателското дерби во Кина им се загарантирани по 5 милиони евра.

Но тоа не е сè. Интер и Милан се очекува да заработат многу повеќе пари бидејќи навивачите ќе нагрнат по дресови и други сувенири, а новите кинески газди имаат на ум и други бизнис активности.

Во прилог на италијанските клубови кои играат во ЛЕ не им оди ниту овој податок: 70% од екипите од Серија А кои во последните шест сезони се пласирале во Лига Европа потоа освоиле помалку бодови и си го влошиле пласманот на конечната табела во домашното првенство.

Јасно е дека Кинезите гледаат на полесен начин да стигнат до заработка, а веројатно тоа подобро би го сториле со пријателски меч од 90 минути, отколку со пласман во едно натпреварување за кое играчите треба да се борат цела сезона.

Но со оглед на изгледот на табелата на три кола до крај тешко ќе биде една од екипите на Милан да го избегне 6-то место кои носи во квалификациите. Таму во моментов е Милан со 59 бода, а Интер и Фиорентина имаат по 56. Ако се цврсти во намерата треба само да губат до крај и да се надеваат дека нема да губи и Фиорентина.

На газдите на Интер и Милан можеби бизнисот им на прво место, но да не заборават дека на навивачите на прво место им се победите. Интер во последните седум кола има освоено само два бода и ако следниот викенд не го победи Сасуоло ќе сруши рекорд стар 70 години. Интер последен пат одиграл осум меча по ред без да победи во сезоната 1947/1948.

9 мај 2017 - 10:32