Бебето кое го клацкaа Бебето и Ромарио сега вреди 60 милиони евра

Довчерашниот фудбалер на португалскиот клуб Ешторил, Матеус де Андраде Гама познат како син на легендарниот Бразилец Бебето потпиша договор со Спортинг Лисабон кој му стави луда клаузула.

Необична вест стигнува од Португалија.

Многу луѓе го засакаа фудбалот после Мундијалот во САД 1994’ година, Светско првенство кое важи за едно од најдобро организираните во историјата.

Ретко кој што го гледал тоа Светско ќе заборави на Бугарите Лечков, Стоичков и Трифун Иванов, на лудите Швеѓани кои играа сјаен фудбал, на ќелавицата на Тафарел, на промашениот пенал на Роберто Баџо, и на една легендарна прослава на гол.

Хозе Роберто Гама де Оливеира, попознат како Бебето е човекот кој заедно со неверојатниот Ромарио го одбележија ова Светско. Освен по сјајните дриблинзи, Бебето го паметиме и по прославата на голот во четвртфиналето на мечот Бразил - Холандија во Далас.

Кариоките славеа 3:2, а вториот гол за Бразил го даде токму малиот техничар Бебето кој веднаш истрча до корнер знаменцето и го прослави погодокот со клацкање бебе. Му се придружија и Ромарио и Мазињо кои знаеле дека Бебето два дена претходно добил син. Наскоро центарфорот одлучил да го крсти синот по легендарниот германски фудбалер Лотар Матеус.

Малиот Бебето во меѓувреме тргнал по стапките на татко му, и како еден од поголемите таленти во португалската лига синоќа потпиша со Спортинг Лисабон. „Лавовите“ во договорот ставиле откупна клаузула од 60 милиони евра. А малиот се потпишува со топка:

„Толку сум горд на тебе, сине!!! Продолжи напорно да работиш и остани скромен, така ќе стигнеш далеку!! Ќе можеш да влезеш во историјата на Спортинг!!’, напиша Бебето на Твитер веднаш по веста за син му.

Бебето се појави и на Мундијалот 1998 во Франција каде играше во тандем со Роналдо. За време на неговата репрезентативна кариера забележа 75 настапи со 39 гола. Освои златен медал на Олимпијадата 1988 и 1996 година, а стана и шампион во Копа Америка во 1989-та. 

16 мај 2017 - 14:21