Поддршка и потпис од Руни за девојчето кое боледува од леукемија

12-годишно девојче на кое минатиот јануари ѝ била дијагностицирана леукемија сакала на главата да добие потпис од фудбалерите на Манчестер Јунајтед, кои ѝ дошле во посета. Храбрата Шарлот не пропуштала натпревари на Олд Трафорд до јануари годинава, кога ѝ ја откриле болеста.

Вејн Руни, Рајан Гигс, Робин Ван Перси и Хуан Мата пред девет дена ја посетиле Кралската детска клиника во Манчестер, каде лежи Шарлот Џенингс, девојчето кое не пропуштало домашни натпревари на Јунајтед сè додека не оболела од акутна леукемија.

Кога фудбалерите влегле во нејзината соба, немало лист за да ѝ дадат автограм, по што таа решила да ѝ се потпишат на главата, на која нема доволно коса поради болеста. Девет дена подоцна, потписите на главата на Шарлот сè уште стојат, а храброто девојче вели дека не сака ги избрише, затоа што тоа се имиња на нејзините херои.

„Имам 12 години и веќе сум проќелавена. Зошто да не го искористам тоа и да имам потписи од најдобрите фудбалери на Манчестер Јунајтед", изјавила Шарлот за Мирор.

Малечката Шарлот на Олд Трафорд често одела со постариот брат, со дедо ѝ и со татко ѝ, но откако ѝ пронашле леукемија, таа нема дозвола да го напушта болничкиот кревет.

„Потписите уште стојат таму и не сум сигурен дека Шарлот сака да ги измие. Пресреќна беше кога ги запозна фудбалерите, кои се одлични момци сите до еден", констатирал Пол Џенингс, таткото на Шарлот.

Јунајтед сабота од 14:00 игра против Астон Вила во Бирмингем на Вила Парк.