Арсенал ги бара бодовите поради македонскиот репрезентативец

Откако се откри дека Аријан Адеми, фудбалерот на Динамо Загреб паднал на допинг тест од УЕФА, сега Арсенал ги бара назад загубените бодови во Лигата на шампионите.

Допинг тестот на Аријан Адеми (24) синоќа беше главна тема во англиските и регионалните медиуми, а од Островот сега пренесуваат дека Топџиите по секоја цена ќе ги бараат бодовите назад, доколку се потврдат наодите на УЕФА дека играчот од средниот ред играл допингуван.
 
Адеми, кој синоќа веднаш ја напушти базата на фудбалската репрезентација на Македонија пред дуелите со Украина и Белорусија, ќе треба да мине на Б допинг тест. Адеми против Арсенал играше 90 минути, а цел натпревар одигра и во Минхен против Баерн, така што Динамо Загреб би можел да се соочи со драстична казна доколку се повтрди дека фудбалерот бил допингуван.
 
Динамо Загреб нема право да се огласува, да коментира ниту да издава соопштенија, како и самиот фудбалер кој бил позитивен на допинг тест сè додека не се заврши новиот Б тест. Во меѓувреме од хрватскиот клуб само соопштија дека Аријан Адеми дури шест пати годинава бил подложен на тестирања и ниту еднаш не паднал.
„Според правилата, Динамо не смее да коментира додека трае дисциплинската постапка и додека не бидат готови резултатите. Сакаме да истакнеме дека Аријан Адеми годинава дури шест пати беше тестираш и од хрватскиот фудбалски сојуз и од УЕФА и сте резултати беа негативни“, напишаа од Динамо Загреб на официјалниот клупски сајт.
Во меѓувреме Арсенал ќе се обиде преку УЕФА да исползува враќање на загубените бодови од Загреб кога Динамо славеше 2-1. Топџиите подоцна загубија и од Олимпијакос на домашен терен, по што шансите за пласман понатаму им се минимални.
 
За случајот со Адеми, на денешниот прес на фудбалската репрезентација треба да зборува и селекторот Љубинко Друловиќ кој сè уште не повика замена за младиот фудбалер.