Андреев: „Првпат играме пред толку публика“

Тренерот на Вардар темпераментно одговараше на новинарските прашања по мечот со АПОЕЛ и изјави дека се брани и еден Јувентус, а не само актуелниот македонски шампион.

Зборуваше пред мечот дека шансите за пласман понатаму се 50-50, а по вечерашниот дуел тренерот на Вардар, Сергеј Андреев изјави дека е задоволен од играта но не и од резултатот.

„Денеска игравме многу подобро отколку во Никозија. Нормално дека резултатот не е добар, но како што реков пред мечот при резултат 0-0 на гости шансите беа еднакви и нема за што да жалиме“, го отвори пресот рускиот тренер.

 Изненаден од толку публика, Андреев додаде дека и неговиот тим имал свои шанси и дека не изгледало сè како Вардар само да се бранел.

„За првпат откако сум во Вардар гледаме толку публика на стадионот. Излеговме на теренот со многу емоции и можеби затоа пребрзо ги завршувавме акциите со шут од далечина. Сетете се на шансата на Влатче Гроздановски, што ќе беше да реализираше"?

На констатацијата дека дури во 60-та минута од мечот првпат станал од своето место да даде некој совет, Андреев изјави дека не е во негов стил да мавта со рацете цел натпревар.

„Во петтата минута излегов прв пат во мојот простор, а подоцна не почувствував потреба да го правам тоа. Зошто би скокал и би гестикулирал, тоа не е моја работа. На крајот реагирав кога Пачовски реши да истрча во противничкото поле, но му сугерирав дека има уште да се игра“, нервозно одговори Сергеј Андреев.

Со ремито против АПОЕЛ вечерва во Скопје, Вардар испадна од европските натпреварувања, а кипарскиот клуб ќе игра во 3. коло против Митјиланд веќе следната недела. 

21 јули 2015 - 22:37