Америка последна дестинација за фудбалските ѕвезди

Ландон Донован и Дејвид Бекам не се единствените фудбалери за кој сте чуле дека заиграле во земјата на кошарката и бејзболот. МЛС лигата секое лето добива по некоја нова фудбалска ѕвезда, а последните двајца пристигнаа од Челси и Атлетико Мадрид.

Френк Лампард е најновото големо име кое стана дел од американскиот фудбал. За 13 години легендата на Челси освои 13 трофеи, а со 171 гол стана најдобриот стрелец од средниот ред во Премиер лигата.

Но 36 годишниот Лампард се уште не се изнаигра фудбал па одлета за САД и потпиша две годишен договор за Њујорк Сити, а тие го направија најскап фудбалер во МЛС лигата со годишна плата од 6 милиони евра.

Таму друштво ќе му прави уште еден играч со големо педигре кој летово одлучи  да го напушти шпанското првенство. Се работи за довчерашниот напаѓач на Атлетико Мадрид кој по титулите во Примера ќе се обиде да подигне и некој пехар на американско тло.

Лампард и Виља за да ја одржат формата прво ќе заминат на позајмица во Австралија, во тимот на Мелбурн се до крајот на 2014 година, затоа што новата сезона во МЛС стартува наредната година. Во Мелбурн ќе се сретнат во ист тим со Дамиен Даф кој 18 години настапуваше во Премиер лигата.

Освежување во американскиот фудбал ќе има и од Серија А, а тоа е Кака кој по кам бекот на Милан, повторно се раздели со „Росонерите“ и ќе почне со нова авантура во екипата на Орландо Сити. Шест месечната луфта ќе ја пополни на позајмица во Сао Паоло.

Во САД меѓу многубројните фудбалери кои заминуваат од европските лиги е и Тиери Анри кој во неговиот четиригодишен престој во Њујорк Ред Булс, на 108 меча постигна 45 голови.

Меѓу најстарите ветерани е италијанскиот напаѓач Марко Ди Вајо кој од 2012 година е дел од тимот на Монтреал од Канада, а таму замина со еден од најдобрите поранешни дефанзивци, Алесандро Неста кој отиде во пензија.

Во Америка ова лето имаше огромна фудбалска треска, а тоа го докажаа со гледаноста на натпреварите на САД на Светското првенство. За време на мечевите на оваа селекцијата, рекордната гледаност на НБА лигата и Суперболот беше надмината.

Оваа земја која заедно со Канада ја формираат МЛС лигата на северноамериканскиот континент, со носењето на Лампард, Виља и Кака сигурно уште повеќе ќе ја зголемат популарноста на фудбалот.

25 јули 2014 - 15:46