37 повреди во дресот на Арсенал

На Светското во Бразил отпатуваа 736 играчи од 32 земји, а од нив се повредија само 28 фудбалери. Тоа е нула во споредба со она што му се случува на Абу Диаби кој повеќе е повреден отколку што игра.

Диаби е еден од оние играчи кои не може глава да крене од повреди, а неговата мисија е да ја спаси кариерата затоа што има 28 години и рано му е за пензија.

За Арсенал потпиша во 2006 година, а од тогаш на можни 342 меча за 9 сезони во Премиер лигата играл на само 124 натпревари, а тоа е не ниту близу половина од тоа што можел да го одигра.

Неговата малерозност на островот почна уште на стартот, а виновникот за тоа беше фудбалерот на Сандерленд, Ден Смит кој му влезе без осет и му го скрши зглобот.

Фудбалерот од средниот ред на Арсенал го пропушти финалето од Лигата на шампионите против Барселона, потоа финалето од младинското Европско првенство, а докторот кој му направи три операции му рече дека тоа може да биде крај за неговата кариера. По 8 месеци пауза успеа да се врати на терен.

За Диаби повредите продолжија се до сезона 2009/2010 во која најмногу се изнаигра и беше првотимец заедно со Сонг и Фабрегас во средниот ред на „Топџиите“. Во Премиер лигата запиша 29 настапи на кои постигна 6 голови и оствари 4 асистенции.

Но таа сезона никогаш не успеа да ја повтори. Веќе следната имаше ситна повреда по која го загуби првотимскиот статус и ја заврши со речиси двојно помалку настапи од минатата.

Најтешките мигови во кариерата на францускиот репрезентативец кој не беше повикан на Мундијалот во Бразил, беа последните три сезони во кои се појави на само 16 меча во првенството и одигра околу 1000 минути.

Во 2011/2012 не беше стартер ниту еднаш. Влезе од клупата за резервни играчи на четири средби во Премиер лигата, а се појави на само еден меч во ЛШ.

Со заминувањето на Алекс Сонг, следната сезона стартуваше во првиот тим во стартните три кола, а по одличниот настап против Ливерпул, Скај Спорт го прогласи за играч на мечот.

Но сезоната му отиде во ѓаволите уште на 29 септември против Челси кога беше заменет поради повреда. Се врати дури во јануари следната година на мечот против Манчестер Сити кој Арсенал го загуби со 2:0.

Откако мина нешто повеќе од два месеци на терен, Диаби на 28 март ги скина лигаментите и мораше повторно да оди на операција по која беше најавено дека ќе паузира 8-9 месеци.

Арсенал во новата сезона дресот со број 2 му го смени со 24, а потоа објави дека поради долгиот третман на коленото неговото отсуство ќе биде пролонгирано до март 2014 година.

Кутриот Диаби се врати на терен дури на 11 мај и влезе како замена во последното коло од сезоната против Норич. Тие 16 минути на терен го направија многу среќен затоа што на тој ден му беше роденден.

„Мислев да се повлечам и тоа ми пројде низ глава повеќе пати, но љубовта за фудбалот е толку голема, што не можев да престанам“.

Тој е дел од летните подготовки на Арсенал кој оваа недела се наоѓа во Австрија, а изминатиов викенд го одигра второто полувреме од пријателскиот меч против Њујорк Ред Булс.

„Се обидувам да размислувам позитивно цело време и тоа ми помогна да се вратам. Одлично е чувството и многу сум среќен кога сум на терен. Коленото ми е добро, работев напорно на фитнес и сега сум спремен за натпревари“, вели 28 годишниот фудбалер на Арсенал.

Притисокот врз него оваа сезона ќе биде уште поголем затоа што ќе треба да се избори за нов договор кој му истекува идното лето.

29 јули 2014 - 18:00