14 годишно дете дебитираше за Галатасарај

Холандскиот тренер Јан Олде Рикеринк кој го води турскиот Галатасарај синоќа пред крајот на пријателската против Левски во Софија му дал шанса на 14-годишен фудбалер кој стана најмладиот играч во историјата на овој клуб.

Трофејниот турски клуб ја искористи репрезентативната пауза да дојде во Софија и да одигра пријателска против Левски каде победи со 2:0.

Голем број играчи периодов се на репрезентативните собири, па тренерот на Галтасарај одлучил во авионот да има место и за Мустафа Капи, играч роден 2002. година којшто синоќа стана најмладиот дебитант во дресот на клубот од Истанбул.

Капи во август наполнил 14 години а во Галатасарај дошол пред три години кога на 11 години гигантот го довел од Денизлиспор, неговиот роден град. Капи не мина многу време на теренот, влезе во 89. минута наместо Синан Ѓумуш, но штом се заврши натпреварот се стрча кон тренерот Јан Олде Рикеринг и го гушна како знак на благодарност за приликата.

Малиот Мустафа можеби немаше многу контакти со топката, но речиси сигурно ќе има добро оправдание за отсуството од училиште во последно време. Капи е второ голобрадо дете кое неделава ги покажа своите квалитети, откако 13-годишниот Карим Коколо Дембеле дебитираше за вториот тим на Селтик.

Галатасарај на овој начин покажа дека фудбалот оди во насока во која најмладите ќе добиваат се повеќе шанси да го искажат својот квалитет.