13 години од најочигледната местенка во историјата на Европските првенства

На 22 јуни 2004 во Португалија, „Аѕурите“ предводени од Трапатони испаднаа уште во група, после очигледно договореното реми меѓу комшиите Шведска и Данска. Полемики се водат до ден-денес, 13 години подоцна.

Италијаните го викаат “biscotto”, кај нас термин познат во кладилничарските кругови како „наместена“.

Можеби најспорниот момент во европскиот фудбал кога Италија се врати дома по 2-2 на мечот Данска - Шведска на Европското 2004. Калкулациите беа такви што во последното коло од групната фаза на Шведска и Данска им требаше точно 2-2 за и двете да одат понатаму, а “жабарите“ да испаднат и да пакуваат куфери.

Неколку дена пред мечот се како да мирисаше на „штела“. Сомнежи и претпоставки кои ги болат Италијанците до ден денес, иако без никаков конкретен доказ. Домаќинот на тоа Европско во составот ги имаше младиот Кристијано Роналдо и ѕвездата Фиго. Тие беа главни фаворите но на крајот во финалето загубија од Грција што беше најголемото изненадување во историјата на фудбалот.

Италија на тоа ЕП стаса како селекција која не земала важен трофеј уште од 1968 година и по разочарувањето на Светското 2002 во Кореа и Јапонија. „Аѕурите“ беа во групата Ц со Данска, Шведска и Бугарија. Италија беше фаворит да оди во четвртфиналето, а за второто место да се борат Скандинавците.

Во составот Трап ги имаше: Буфон, Неста, Канаваро, Панучи, Гатузо, Пирло, Виери, Дел Пјеро, Тоти и Касано. Но на почетокот одиграа само 0-0 со Данска кога Тоти го направи најнеспортскиот гест во кариерата. Го плукна Кристијан Поулсен во лице и доби три меча суспензија по прегледување на снимките.

Во второто коло, Италија се сретна со Шведска. И тука иста песна. Слаба и неубедлива игра но поведоа преку Касано. За се да биде уште посложено се погрижи 22-годишниот Златан Ибрахимовиќ со неверојатен гол со пета. После тоа лето Ибра стана играч на Јувентус.

Им зема Ибра 2 бода на Италијанците кои после две кола имаа само 2 од 6 можни. Во тој момент Шведска и Данска имаа по 4 бода и со бод одеа понатаму.

Во последното коло од крајот на групната фаза сценариото беше вакво: Италија за да помине како втора мораше да ја победи Бугарија со младиот Димитар Бербатов и да се надева дека Шведска и Данска нема да одиграат 2-2 затоа што во тој случај Нордијците одат понатаму.

Италија - Бугарија и Данска - Шведска се играа во исто време. Едната во Гимараеш, другата во Порто, на 60 километри дистанца. Пред и после мечот Шведска - Данска, многу навивачи на овие две земји носеа натписи „Одиграјте 2-2 и пратете ги шпагетите дома“. Гатузо тогаш изјави дека би сакал мечот да го снимаат 50 камери за да го пратат секој детал.

На 22. јуни 2004-та од 19:45 почнаа двете средби. Во Порто Јон Дал Томасон во 28’ минута ја донесе Данска во водство, но Шведска во 47’ израмни од пенал преку Хенрик Ларсон. Во исто време Бугарија поведе преку Мартин Петров исто од пенал.

Италија делуваше готова. Но во 48’ минута Симоне Перота израмни и тргнаа во офанзива. Во 66’ Томасон одново носи водство на Данците, а Шведска во 89’ минута Матијас Џонсон ги поставува конечните 2-2 и кошмар за Италија!

Уште поголема болка кога Касано им донесе победа во 94’ минута од мечот, а сите Италијанци исполегнаа на тревникот и не веруваа што ги снајде.

„Некој мора да се срами, а не сме ние“, изјави Буфон кратко и грубо после мечот.