11 години сам против сите

Кога една прес конференција на тема спорт има поголема посетеност од премиера во Народниот театар во Загреб, тогаш навистина станува збор за нешто посебно. Пресот го свикал Здравко Мамиќ.

Извршен потпретседател на Динамо Загреб гласи функцијата на човекот кој петнаесетина години е алфа и омега во хрватскиот фудбал. Редовно лумпува на стадионите, по кафаните и по улиците, а влакна на јазик нема ниту во студио ниту во Влада.

Во Загреб не го сакаат, но во регионот едвај чекаат да направи некој инцидент кој потоа со денови е тема на муабет во спортските кругови.

Здравко Мамиќ уште од мал почнал да се интересира за фудбалот, но немал некој голем талент како неговите двајца браќа, па решил да се занимава со организацијата на фудбалскиот систем.

Како редовен гледач на западната трибина на „Максимир“, Мамиќ навлегол во најверната навивачката група на Динамо Загреб, Бед Блу Бојс. По извесно време, откако видел дека сите ставаат весници на валканите столчиња, му текнало да набави стиропор којшто неговата екипа ќе го продава по трибините.

Со тек на време, Мамиќ го зголемил своето влијание во Динамо и во 2001. година станал член на Извршниот одбор. Од 2003. година тоја ја извршува потпретседателската функција во клубот која ни Господ не му ја одзема.

Новинарите во Хрватска го викаат лудиот Мамињо, а тие се неговата омилена мета за плукање и омаловажување пред камерите, по што после пријавите, на Суд ќе се појави како на гости.

Колку е „омилен“ во главниот град на Хрватска покажува и тоа што на Максимир во знак на протест веќе 6 години нема организирано навивање , а најупорните одат само на гостинските натпревари на својот клуб.

Во неколку прилики Мамиќ едвај спасил жива глава, откако навивачите го препознале на улица. Така беше и во Темишвар кога го маваа со чаши и шишиња, а тој успеа да се сокрие во еден ресторан.

Најголемите приврзаници на Динамо, му замеруваат дека наводно го приватизирал клубот и дека не ги задоволува тоа што се први во домашното првенство и затоа го оставаат Максимир полупразен.

По обвинувањата дека Мамиќ ја злоупотребува функцијата и под маса продава играчи, стариот лисец ја префрлил неговата менаџерска агенција на име на неговиот син, кој сега бил задолжен за трансферите.

На жестоките протести на навивачите, тој им одговара со 14 шампионски титули во хрватското првенство, потоа редовно учество во европските купови и полна клупска каса како никаде во регионот.

За 12 години само од продажба на играчи Мамиќ заработил 160 милиони евра!

„Тешко ми е кога ќе почне сезоната а ние веќе бегаме 10 бода. Сакам да имаме конкуренти за титулата. Срце ме заболе кога Хајдук ремизираше со Истра“ – изјави Мамиќ по завршување на есенскиот дел во Хрватска.

Точниот број на играчи кои од тотални анонимуси, за ич пари дошле на ул. „Максимирска“, а оттаму Мамиќ ги лансирал на голема сцена во фудбалскиот свет не е познат, но најголемиот дел од нив играат во најелитните европски лиги.

Олиќ, Модриќ, Крањчар, Једвај, Ковачиќ, Вида, Чорлука, Бадељ, Дуду, Манџукиќ, Вршаљко, Прањиќ и уште цела плеада играчи се негов производ.

Парадоксално, Мамиќ го обожуваат во Србија, Босна и Словенија. И покрај тоа што често знае да распали и на национална основа, Мамиќ со раширени раце го чекаат каде и да оди, освен дома.

Социјалните мрежи се полни со групи и страници каде се објавуваат неговите оригинални настапи, како што е овој импровизиран веб сајт посветен на неговиот речник.

25 јули 2014 - 22:50