10 промашени пенали што не се забораваат

Од оној на Роберто Баџо во САД 1994, до кобниот шут на Џон Тери во финалето на ЛШ 2008 во Москва, приказната за промашените пенали кои тешко ќе бидат заборавени..

Пост-пенал депресија, состојба во која се наоѓаа фудбалерите кои прецизен шут ги делеше од вечната слава. Еден од последните кои патеше од оваа состојба е Азамоа Гијан (28), кои два пати во кариерата промаши клучни пенали.

Гијан го промаши пеналот во четвртфиналето на СП 2010 година против Уругвај, во кој Луис Суарез од трагичар стана јунак по црвениот картон.

„Ментално никогаш не се ослободив од промашениот пенал против Уругвај. После последниот пораз по мојот промашен пенал во полуфиналето на Купот на Африка против Замбија, решив да се повлечам од репрезентацијата. Депресивен сум и сакам да се тргнам на страна и да го најдам мирот“, изјави Гијан пред две години по испаѓањето од Замбија.

Пред Азамоа Гијан, сличен проблем имаше и Луиџи Ди Бјаџо, кој ја погоди пречката во пенал рулетот против Франција на СП 1998. Италија тогаш испадна од домаќинот во четвртфиналето а најголем виновник беше Ди Бјаџо.

„Со месеци ме будеше звукот на топката која удира во пречка. За среќа се вратив во нормала по пеналите против Холандија на ЕП 2000 година“, призна Ди Бјаџо како се чувствувал со месеци по промашениот пенал.

Листата на 10 најпознати промашени пенали во фудбалската историја:

1. Роберто Баџо

Италија - Бразил 2-3 (финале на СП 1994 во САД)

Никогаш нема да избледи сликата: Баџо на колена, а бразилскиот голман Тафарел трча кон своите соиграчи. Промашија уште и Барези и Масаро и Бразил стана светски првак по четврти пат.

2. Џон Тери

Челси - Манчестер Јунајтед 5-6 (финале на ЛШ 2008)

По ремито 1-1 во регуларниот дел, пеналите требаше да го одлучат победникот. Џон Тери стигна на ред во петтата серија. Ако дадеше гол, Челси ќе станеше европски шампион. Тери промаши и Јунајтед се радуваше во Москва.

3. Луиџи Ди Бјаџо

Италија - Франција 3-4 (четврт-финале на СП 1998)

Играчот на Интер ја здрма пречката. Промаши и Деметрио Албертини и домаќините на Мундијалот се пласираа во полуфиналето, а подоцна го освоија пехарот против Бразил. Ди Бјаџо во моментов е селектор на италијанската фудбалска репрезентација до 21 година.

4. Азамоа Гијан

Гана - Уругвај 4-2 (четврт-финале на СП 2010)

Луис Суарез намерно со рака спаси чист гол и доби црвен картон. Азамоа Гијан се намести да го изведе пеналот, го промаши по што следуваа пеналите. Гана загуби во пенал рулетот, а Гијан изјави дека не спиел со денови после тој натпревар.

5. Андреј Шевченко

Милан - Ливерпул 3-4 (финале на ЛШ 2005)

Во Истанбул Милан водеше 3-0 на полувремето. За само седум минути во вториот дел Ливерпул го израмни резултатот и се прејде на пенали. Промашија Пирло, Сержињо и Шевченко. Украинецот го промаши клучниот пенал, а го даде две години претходно на финалето против Јуве на „Олд Трафорд“.

6. Предраг Мијатовиќ

Југославија - Холандија (осмина-финале на СП 1998)

По многумина промашениот пенал на Мијатовиќ беше пресуден и за самиот фудбалер, затоа што после тој момент неговата кариера тргна во надолна линија.

7. Алесандро Костакурта

Милан - Бока Јуниорс 1-2 (финале на Интерконтинентален Куп 2003

Били Костакурта место топката, ја шутна земјата и Купот отиде во рацете на Аргентинците.

 8. Стјуарт Пирс

Англија - Западна Германија 3-4 (полуфинале на СП 1990)

За Гордиот Албион пенали промашија Пирс и Вадл и Германците влегоа во финалето на Мундијалот. Поради хистеричната реакција по промашениот пенал, Стјуарт Пирс ден денес има прекар Психо.

9. Чичо Грацијани

Рома - Ливерпул 3-5 (финале на КЕШ 1984)

Сигурно најголемото разочарување за навивачите на Рома се случи пред 31 година. Кога сите се надеваа дека Рома за првпат ќе го крене најважниот трофеј, Џалоросите загубија на Олимпико на пенали од Ливерпул. Кобниот пенал го шутираше Чичо Грацијани, а промаши и Бруно Конти.

10. Мартин Палермо

Аргентина - Колумбија 0-3 (Копа Америка 1999)

Ако некој цел живот ќе се кае за промашен пенал, тогаш тоа сигурно е пензионираниот аргентински напаѓач, Мартин Палермо. Против Колумбија не промаши еден, ниту два, туку три пенали едно по друго во регуларните 90 минути.