10 фудбалери кои се мерило за верност кон еден клуб

Ако треба да бараме листа на најверни играчи кои целата кариера решија да ја посветат во еден ист дрес еве ја. Сите овие играчи се легенди и симболи во клубовите каде настапуваа минимум две децении. Само Тоти од нив е активен и немаше пари кои можеа да ги купат.

Франческо Тоти – 25 сезони во Рома (1992-2017)

„Ајде мали загреј се, треба да влезеш“. Со овие зборови Вујадин Бошков на 28 март 1993 година на мечот Бреша – Рома го означи стартот на неверојатната кариера на Тоти. Скудетото 2001, Куповите и Супер Куповите, Златната копачка во 2007-ма и пред се љубовта за жолто-црвениот дрес ја раскажуваат приказната за неговата страст која го поврзува неговото име со клубот и градот Рим.

Паоло Малдини – 25 сезони во Милан (1985 – 2009)

Во име на татко му Чезаре кој исто така беше симбол на Милан, дебито на Паоло се случи на 17 години во Удине. За левиот бек кој играше и како стопер Милан беше се во животот. Долгата и драгоцена кариера ја зачини со еден куп трофеи од кои 7 Скудета и 5 титули во Лига на шампиони, достигнување кое ретко кој го има достигнато. Паоло Малдини замина во пензија како светска фудбалска легенда.

Рајан Гигс – 24 сезони во Манчестер Јунајтед (1990 – 2014)

Велшанецот е симбол на Манчестер Јунајтед во ерата на Фергусон. Човекот претрча стотици и стотици километри по левата страна и собра 963 настапи. Гигс освои 13 титули во Премиер лигата и две во Лига на шампиони и доби само еден црвен картон во кариерата. Пред две години ја заврши кариерата и потоа работеше како помошник на Мојс и Ван Гал.

Рожерио Сени - 23 сезони во Сао Паоло (1993 - 2015)

Сени е најдобар голгетер со голмански ракавици и симбол на Сао Паоло со 1237 настапи. Легендарниот бразилски голман освои 2 пати Копа Либертадорес и по еднаш Интерконтинентален Куп и Светско Клупско првенство. Беше специјалист за голови од пенал и слободен удар и стигна до бројка од 129.

Фритц Валтер – 22 сезони со Кајзерслаутен (1937 – 1959)

Легенда на германскиот фудбал од рангот на Герд Милер кој за 22 сезони успеа да постигне 327 голови на 384 средби или скоро по еден на секој натпревар. Освои две титули во Бундеслигата, а клубот во негова чест го крсти стадионот.

Лев Јашин – 22 сезони во Динамо Москва (1949 – 1971)

Се работи за единствениот голман кој ја има освоено Златната топка и според многумина најдобриот голман во историјата на фудбалот. Русинот го носеше прекарот „црн пајак“, а целата кариера му ја посвети на Динамо од Москва со кој освои 5 титули во СССР. Од 327 меча 207 пати излезе несовладан и успеа да фати околу 100 пенали.

Џек Чарлтон – 21 сезона со Лидс (1952 – 1973)

Брат му е на славниот Боби Чарлтон. Беше стопер со 191 см и ретко некој можеше да го доби во дуел игра. Чарлтон како дефанзивец успеа да постигне 70 гола и освои титула и Куп со Лидс.

Франко Барези – 20 сезони во Милан (1977 – 1997)

Легендата на Милан од 80-те и 90-те ја носеше капитенската лента 15 сезони и беше лидер на најсилната одбрана во свет под водство на Саки, а потоа и Капело. Освои 6 Скудета, 3 пати Лига на шампиони и два пати Интерконтинентален Куп. Настапи на 719 меча и постигна 33 гола, а миланистите го прогласија за играч на векот на Милан.

Џузепе Бергоми – 20 сезони во Интер (1979-1999)

Легендата на Интер има помалку настапи само од една друга легенда на клубот, Хавиер Занети. За време на неговиот дво децениски стаж освои Скудето и три трофеи во Куп на УЕФА, што е рекорд за италијански фудбалер. Одигра 519 меча и беше капитен на Интер од 1992-ра до 1999-та.

Алесандро Костакурта – 20 сезони во Милан (1987 – 2007)

Листата ја завршуваме со еден од најдобрите дефанзивци во историјата кој одигра 458 средби со Милан. Постигна 3 гола, а последниот го даде кога се збогуваше со фудбалот на 19 мај 2007-ма против Удинезе и тогаш стана највозрасниот стрелец во историјата на Серија А со 41 година.