Тихување со помош на речен камен

Велешанецот Димче Ацков кој радикално еколошки живее во куќа од земја и глина, во самодоволен систем кој се темели на неагресивен однос кон природата, објаснува еден метод на медитација/тихување за трансфер на енергија од речен камен. Јбг. Потребно е каменот да е мазен затоа што мазниот камен собрал најмногу енергија од реката која со години го полирала. Стварно, што ве кошта да пробате?   

Опиши го Балкан со едно видео

Види што ти е држава, што ти е култура, одушевено го опишува европските автомобилски гужви извесен искусен сообраќаен кустос од Балканот, снимајќи километарска колона возила кои се упатиле онаму каде што оди и тој. Вози тој покрај нив додека овие дисциплинирано лазат во својата патека, едно време го фаќа паника дека ќе се зезне, ама сепак победа. Пошто наавниве не се лепат за оној пред нив. 

Хрватска како Ухлебистан

На Британецот Пол Бредбери му требале 13 години живеење на хрватскиот остров Хвар за да почне да сфаќа како функционира Хрватска и тамошниот култ - да се ухлебиш некаде (од македонскиот речник: ухлебие - добро место во служба). А за да се ухлебиш, небитно е знаењето, вештините или способноста туку непотизмот и партиските врски. Ете бе, со една нога веќе сме во Европа.  

Вештачката интелигенција ја унакази „Македонско девојче“

Музичките автори и креативци не треба многу да се плашат дека вештачката интелигенција во догледно време (Ник Кејв тврди никогаш) ќе ги направи технолошки вишок. Многу е назад со материјалот во овој поглед. Нејзината музика за текстот на „Македонско девојче“ не е лоша туку многу лоша. Како песна која некој планирал да ја пушти на третокласен фестивал ама бил до толку нормален што го фатило срам па не ја пуштил.