Ич не ја купувајте

Зошто Џејн Биркин веќе не носи Биркин

Во 1983-та, еден од главните во Hermès, Жан-Луи Дима седнува во авион до Џејн Биркин, која тогаш е веќе врв на париската елита и муза на контроверзниот Серж Геинсбург. Таа вади сламена ташна, од која почнува сè да паѓа и му се жали на Дима дека никако не може да најде кожна ташна што ќе и се допадне.

Тука настанува модна историја, затоа што Дима решава дека ќе дизајнира ташна баш како за неа, и од тогаш, the Birkin bag станува симбол за висока мода, недостижност и статус.

Зошто?

Затоа што цената се движи од прилика од Дачиа Дастер со основна опрема, до стан во Ристичева палата. И има список на чекање. И ако земеш да штедиш некаде од твојот втор роденден и некако се докопаш до тој список - имаме проблем.

На Џејн Биркин веќе не ѝ се носи.

„Ја полнев со што стигнам. Пола мебел од дома го носев, стануваше многу тешка. Сега почнувам да ги полнам џебовите како машко, затоа што така нема потреба ништо да носиш во раце.“

Ако сме искрени, ова е реалноста на повеќето жени, со оглед на тоа што колку е поголема ташната, толку е поголем импулсот да се стават и ребра од парно во неа, за секој случај.

Кога ќе размисли човек, ова, економски гледано, е прилично добра вест. Ако Џејн лично може да ги полни џебовите „како машко“, што па јас морам да имам ташна од 70 000 евра?

 

12 Мај 2017 - 23:39