Жените сè помалку сакаат да се мажат

Порано имаше поинакви причини за мажење. Ама, многу порано - мажите ловат, мажите носат леб, мажите заработуваат, а жените се тие што чуваат куќа и деца. Вакви беа биолошките улоги и ваков беше редот. И поради ова, многу долго време никој не се ни потруди да му стави прашалник на концептот. 

Сега откако жените со нокти се ископаа од дното и се изборија за излез од наследената биологија, „потребата“ да се омажат не е како порано. Хана Росин во „Крајот на мажите“ пишува „Што ако на таа ера и дојде крајот?“ Дали сме свесни за тоа? Затоа што, сè повеќе жени сфаќаат дека бракот воопшто не е потреба.

Во секој случај, не е само до ова будење и живеење во модерен свет. Има многу причини што жените се помалку и помалку се одлучуваат да стапат во брак. И тоа, сето ова, од една гледна точка не само на брак туку и на врска. За тоа зошто врска, а не и брак, друг пат.

1. Нема веќе мажи вредни за брак. Ова е прилично дискутабилно, но една авторка, Кејт Болик во нејзиното дело „Сите сингл дами“ пишува дека едноставно, калибарот на мажи се влошува и тоа многу. Невработеноста и немањето доволно опции за мажите произведува многу повеќе пропалици отколку остварени мажи на кои вреди да им дадеш шанса. Со други зборови, „мажи вредни за брак“ има се помалку.

Колку и да е сурова оваа вистина, она што Кејт Болик го пропушта во својата изјава е да забележи дека во својот „јас сум моќна жена“ израз, во основа се потпира на оној првиот концепт горе. Ако си доволна и финансиски моќна, што има да ја потпираш одлуката за немажење на тоа дали некој има или нема работа? Но ај, ќе се надеваме дека се однесува на тоа дека пропаднат маж е тежок од повеќе аспекти, а не само затоа што „не може да те издржува.“

2. Жените се самите фул пакет. Едно истражување од 2010-та открива дека за прв пат во историјата на САД, имало повеќе вработени жени од мажи во земјата. Иако сè уште постои разликата во плата, жените очигледно ги преземале работите во свои раце (и буквално). И не само што работат, туку и се пообразовани. За секои двајца мажи што ќе излезат од школо со диплома, има три жени што ќе го направат истото.

3. Бракот е застарен и на жените им е тоа јасно. Стотици години, бракот постоел само поради економски и политички причини и бил институција често наместена од страна на семејствата. Не се работи за љубов, туку за женење со девојката што доаѓа од најбогатото семејство, или човекот што ги има најдобрите мисирки во селото. Односно - потреба. Ова се разбира, не е веќе така. Според Pew центарот за истражување, околу 44% од миленијалците се убедени дека бракот станува непотребен.

4. Многу мажи се плашат од силни и успешни жени. Оваа изјава звучи како да ја бираат секогаш осамени, а успешни жени, но не значи дека не е така. Машкоста е кршлива и тоа секојдневно се докажува со тоа што за најобични производи, мажите се таргетираат со темни бои и строги фонтови, како не би се почувствувале помалку машки ако се избањаат со нешто што мириса на цвеќе. Но поради ова, жените се оддалечуваат од мажите. Не дека некој нешто греши, туку жените сè помалку поднесуваат да бидат со маж кој поради нив се чувствува инфериорно. Тешко е да се омажиш за човек што се плаши од идејата за жена која си е доволна самата на себе.

5. Живееме во време на кратки врски. Во ’90-ти, ова се викаше hookup culture, или култура на мување, а сега живееме во „Апокалипса на врските“ според писателката Ненси Џо Сејлс. Апликациите за пронаоѓање партнери, како на пример Тиндер, создадоа култура каде што мувањето и врските без обврски ја заменија сериозната моногамна врска, а бидејќи ова на луѓето им одговара, бракот никој не го забележува.

6. Ја снема идејата за мажење богато. Додека не можеа да се едуцираат и да имаат кариери, жените се мажеа за подобар живот. Тоа, плус однесување како што налага општеството за да не предизвикуваат непријатности. Но ако сега си поедуцирана и поуспешна, зошто да се замараш?

7. Жените се во подем и тоа ќе трае. Болик кажува уште една поента – додека жените се бореа (и сè уште се борат) за своите права, за образование, за кариера и за живот под нивни услови, мажите заостануваа. Мажите, особено белците немаа за што да се борат. И ваквиот тренд веројатно ќе продолжи, правејќи го бракот уште понеатрактивен во декадите што доаѓаат.

8. На жените не им треба брак за да станат мајки. Прво, 40% од бебињата ги раѓаат самохрани мајки и има големи шанси тој процент да порасне бидејќи стигмата кон самохраните мајки е сè послаба и послаба. Останува и фактот дека, благодарение на технологијата, не ти ни треба маж за да забремениш. Само треба да отидеш до банка за сперма, што е одлична опција за жени кои не сакаат да бидат во врска.

9. Жените самите стануваат мажи за кои би се омажиле. Така рече и Глорија Стајнем, „стануваме мажите што сакавме да ги омажиме“ и во право е. Не сме веќе понежниот пол, туку поопасниот, што е доволно само по себе на секое поле. Зошто брак, кога сè што ти е потребно можеш сама да си го сервираш на сребрен послужавник?

22 јуни 2017 - 10:16