Водич за гледање вести

Со акцент на чување на ментално здравје.

Не е лесно да пратиш вести последниве 3 месеци (реално, ретко кога било), ама деновиве особено. Работите се комплицираат особено затоа што зависиме од медиумите и социјалните мрежи за информации околу тоа што се случува во светот, а притоа - седиме дома, а социјалните кругови ни се стеснуваат. Од тие причини, експертите за ментално здравје велат дека е во ред да се штитиме од изложеност на вести во вакви мрачни времиња, особено ако сме склони кон анксиозност и депресија, или имаме искусено траума. Има и начини да се препознае кога треба да запреш и во име на сопственото ментално здравје - да исклучиш вести.

Слушајте си го телото

Треба се обрне внимание на физиолошките промени што се искусуваат кога читате или гледате вести. Ширење на зениците, забрзано чукање на срцето, потење на дланките, главоболки, вознемирен стомак, болки во грб, плитко дишење или забрзан говор - сѐ се тоа симптоми на траума. Понекогаш е добро да си направиш муабет со себе: Океј, ќе гледам вести, веројатно ќе се нервирам, и кратко ќе биде. И после ќе гледам нешто друго.

Со слушање на телото, човекот може да идентификува и кога е време за пауза и кога се чувствува повторно спремен да се врати на истото.

Замолете ги пријателите одговорно да споделуваат
(со среќа)

Во ред е да ги замолите луѓето внимателно да споделуваат информации, наместо да бомбардираат со секакви вести без контекст. На пример, во групна порака, или порака до сите пријатели да пишете нешто од типот на „драго ми е што си муабетиме, ама ве молам не ми праќајте нови видеа.“ На некои луѓе поголем тригер им е да гледаат видеа, па не сакаат да ги гледаат ни на социјални мрежи нонстоп. Нивни избор е да не се вклучуваат, ама тешко дека можат да игнорираат без проблем ако нонстоп им ги праќате во инбокс.

Поставете си граници

Мјут на одредени акаунти, исклучување телефон и нотификации за мејл и ограничување на време поминато пред екран - сето ова помага во зачувувањето на мирот. Можете да си одредите точен час кога ќе проверите вести и социјални мрежи. Можете да внимавате на своите емоции и да исклучите кога ќе забележите дека ви станува напорно. Без разлика што сакате да се вклучите, бидете свесни колку се вклучувате.

Не го игнорирајте менталното измачување

Не го одрекувајте постоењето на трауматично искуство и сами одлучете каква интеракција ќе имате со она што се случува во светот.

Ова не значи дека треба да вртите глава од сите проблеми, нееднаквост, неправда, или да не бидете активен учесник со бунтување, дебатирање или користење на вашата платформа за да им дадете глас на оние кои во моментов го немаат. Ограничување на изложеноста на вести не е еднакво на ставање на главата во песок, туку на процесирање на тешките информации истовремено внимавајќи да се грижите за себе.

10 јуни 2020 - 00:00