Штиклите се штетни... А може и не

Штиклите се религија, инспирација, често и уметност. Поп-културата толку многу ги извика, што некој имаше напишано статија дека во Париз мора со штикли, па од Монмартр сведочат за неколку спружени Американки на калдрмата што тоа сериозно го сфатиле.

А сега, една Викторија Бекам што никој жив не можеше да ја начека без штикли, полека преминува на ниско.

Сликава се вика уште и „Зошто купив Адидас Суперстар“

„Едноставно не можам веќе штикли.  Барем не додека работам.“ Разумот, или практичноста ако сакате, почнува да преовладува и кај Сара Џесика Паркер, чиј што лик Кери Бредшо е виновен што многу жени решија да пешачат со штикли. Делува гламурозно, интересно и модерно во секое време. Со набивање кондиција и добри штикли, можеш дури и пешки до Чаршија и назад, а нозете да те заболат некаде пред да стигнеш дома.

Ама, Сара Џесика Паркер се откажа од нив уште во 2013-та.

Ендру Гладстон од клиниките City Chiropody & Podiatry во Лондон објаснува за потенцијалната штета што штиклите можат да ја предизвикаат, и списокот е долг.

„Високите потпетици предизвикуваат рани на прстите, на кожата меѓу прстите, оштетени и задебелени нокти, груба кожа на петицата, водат кон промени на формата на стапалото, влијаат на колената и колковите и функцијата на стапалата во подоцните години од животот,“ вели Гладстон за Бизнис Инсајдер.

Студија од Универзитетот Стенфорд, објавена во Journal of Orthopaedic Research во декември, 2014, зборува и за резултати како остеоартритис.

А сепак, колку да не знаете што точно да правите, Гладстон вика вака:

„Може па и ич да не ви направат проблем!“

„Некои луѓе можат да носат штикли по цели денови без проблем. Мислам (како бе, Ендру, мислиш?) дека зависи од формата на ногата – а тоа се одредува уште во матка – дали некој може да помине со носење високи штикли или не.“

Плус, на страна генетиката, Гладстон предупредува дека ортопедските проблеми не мора да се должат само на изборот на кондури.

„Бидете внимателни со тоа што ќе носите обувки какви што налага приликата. И послушајте ги вашите стапала – ако ве болат, веројатно треба да ги соблечете штиклите.“

Бонус: Видете колку добар постер е ова, од некоја алтернативна претстава за Пепелашка, од некојси Hardcover Theater, што ние нема да ја гледаме:

 

26 мај 2017 - 13:27