Се продава куќата од „Гордост и предрасуди“

Ако ви се живее како Елизабет Бенет, (и ако имате некои 9 милиони фунти на страна), тогаш имате среќа. Куќата од серијата што се емитуваше на БиБиСи во 1995 се продава за прв пат после 70 години.

Се вика Лакингтон Корт и се наоѓа во Котсволдс, област што важи за богата со „исклучителна природна убавина“ во северозападниот дел на Вилтшир.

Ќе ве почекам да го внесете сè ова во Гугл Мапс.

Добро.

Во приказната се викаше Лонгборн и тука живееше семејството Бенет во популарната адаптација на романот на Џејн Остин, каде што Џенифер Ел беше Елизабет Бенет, а Колин Фирт беше Г-н Дарси. Во денешно време ова е можеби најважната информација, но ваквиот адут за продажба влегува во сенка кога ќе ви текне дека некогаш (во 1066) му припаѓал на крал (Крал Харолд).

Куќата каква што е денес е од нешто понавака - 16-ти век „или малку порано“, и била во сопственост на богатото семејство Фицерберт од Бристол, кое ја купило во 1632 и нивна била до 1800-тите.

Имотот освен куќа, има и градини, пасишта и шума и излегува на реката Авон. Самата куќа е речиси 900 квадрати, со шест соби за прием, седум главни спални, шест купатила и анекс. И се разбира, сликата не би била комплетна да не се додатните градби околу куќата, кои овде се традиционални штали, колиби и неколку модерни амбари.

„Сите очекуваат куќа што ја поседува исто семејство 70 години да биде прекриена со пајажини, но тоа секако не е случајот со Лакингтон,“ вели Џун Полок, која го реновира и модернизира имотот по смртта на мајка ѝ во 2003.

22 мај 2017 - 11:55