Жени што напуштаат шестцифрени плати за да хранат кози

Од Гучи до кози

Пред четири години, Џули Ен Кајсер била воркохолик, со сопствен бизнис за односи со јавност во Тампа Беј, Флорида, и заработувала шестцифрени суми. Се журкала секој викенд, редовно се боцкала со Ботокс, носела Гучи и Луј Витон и патувала низ светот. И покрај сето ова, се чувствувала - празно.

Еден ден, на своја 43-годишна возраст, решава да купи фарма во Оксфорд, Мисисипи каде што сега живее и заработува за живот. Наместо да заглавува во гужви низ град, сега само пешачи. Нема ни будилник - или ја буди сонце, или животните што бараат јадење.

„Си замислувам Дизни фарма, каде што сите носат машни, светкаат и ми пеат,“ вели Кајсер. На фармата, која се вика Дафодил Хил (Рид со нарциси) се уште има работа, но сепак зрачи со една женственост. Чува само Себастополски гуски, кои имаат големи, широки пердуви. Кокошките и се викаат Прада, Диор и Фенди. Алпските мини-кози што ги има се викаат Валентино и Клое, и Клое носи розево каивче.

Признава дека била преплашена од помислата на ваквата животна промена, но одлучила дека не може веќе да чека да наиде вистинскиот партнер. За неа, и многу од нејзините пријателки (#GirlFarmers), кои ги напуштаат големите, забрзани градови за да живеат побавен, поедноставен и многу поинстаграмлив живот ова е една моќна вежба за независност. Се спријателуваат онлајн и разменуваат идеи за молзење кози и градење кокошарници, со истата амбиција која ги направила толку успешни во урбаниот свет.

„Сакав да дојде принц да ме спаси, но подобро се чувствувам што се спасив сама. Ако снема струја во зима, знам како да запалам оган. Ако бунарот има проблем, одам до езерцето, кршам мраз, го загревам на каминот и им давам ва животните. Имам млеко од козите и јајца од кокошките. И има една сила во тоа.

Романтичните односи секогаш ѝ завршувале несреќно. Се развела во доцните дваесетти, имала неколку спонтани абортуси и трауматично раскинување во доцните триесетти. „Се предавав себеси кога бев бремена, се предавав на мажот што го имав во моментот,“ вели таа. „Но се изгубив себеси.“

И тогаш, една тивка вечер, додека седела во нејзиниот стан, сфатила дека во исто време гледа телевизија, чита списание и игра Солитер на телефонот. „Се обидував да си го оттргнам вниманието од фактот што одвнатре умирав.“

Кога отишла да ги посети нејзините во Оксфорд, одлучила дека таму ќе се пензионира за 20 години, на фарма со дрвца, овошки и езерце.

И една недела подоцна, нејзината маќеа ѝ се јавува да ѝ каже дека една фарма во близина се продава за 150.000 долари и дека има баш ореви и праски на неа.

Три недели подоцна, Кајсер и нејзиното мало Јоркширско териерче доаѓаат таму и започнуваат комплетно нов живот. Продолжува да работи по малку (од дома, без одговарање мејлови за викенд) и полека почнува да создава нешто од нејзиното мало парче земја, и документира сè на нејзиниот блог „Од Гучи до кози“.

Вели дека не е секогаш лесно. Понекогаш плачеш неутешно затоа што ракун ти ги изел пилињата. Живееш од тоа што го произведуваш и нема нешто многу излегување, затоа што имаш јагне-сираче во соба што треба да го храниш на четири саати.

Но животот е поедноставен.

Веќе не носи Гучи кондури, туку гумени чизми. Сепак би сакала да се омажи и не ја исклучува опцијата за посвојување дете. Но, како што кажува, на фармата дошла да се пронајде себеси.

И се нашла.

28 јуни 2017 - 12:13