Љубов е да се дотеруваш во карантин

И тоа за себе.

На почетокот на годинава, агендата си ја полнев со забелешки за мојата пролетна турнеја за промоција на книга, која требаше да почне на 5-ти мај во Њујорк. Сега сите градови каде што требаше да одам се затворени, а мене распоредот ми е од прилика ваков:

„Суперхерој. Париз. Пижами со суши. Венчаница. Ориент Експрес.“

Овие забелешки се идеи за секојдневни селфиња што ги објавувам на Твитер, една пракса што ја почнав уште кога Рејчел Сајм предложи 22-ри март да биде првата дистанцирана-ама-фешн групна активност.

Извадив еден светкав, никогаш необлечен Тед Бејкер комбинезон, ја споделив сликата, и отидов да гледам „Каков начин да се умре!“ со ќерка ми (фантастично модно-освестен филм, иако стар).

Не можев да го игнорирам тоа одлично чувство, да се дотераш и да се нашминкаш, дури и ако не си ни излегол од спална. Пред карантинот, мојот живот како писател што работи од дома беше одживеан главно во тренерки, а понекогаш влегував во пижами уште од 5 попладне. Комфорот ми беше сѐ - меки материјали, широко пред сѐ. Сега поголемиот дел од светот почна да живее како јас што живеев, а „облекувањето“ стана непотребно.

Два дена подоцна, подготвувајќи се за видео-состанок, се фатив како бирам црвен капут и облекувам црвени чизми над колена. Седнав на креветот, направив уште едно селфи и го ставив на Твитер со реторичко прашање: „Рејчел Сајм, што направи, жено?“

Следниот ден пак бев седната на кревет, гледајќи се во огледало, во комбинација што секогаш прави да се чувствувам шик и средено - црни панталони, и џемпер со широки бели ракави. Кога друштвото почна да протестира за мојата нова опсесија со стил, облеков и капут со леопардски принт и Селин очила за сонце, па направив уште едно селфи.

Осум недели подоцна, сѐ уште се дотерувам и позирам за дневно селфи. Некои од комбинациите сепак ги носев надвор. Некои беа облечени исклучиво за сликање. Со оглед на тоа колку многу готвам, не можам цел ден да се шетам во балски фустан. Но, секој ден се шминкам, ја средувам косата и бирам гардероба што со задоволство би ја носела на некој настан. И нокти лакирам, и сама се фарбам, и сама се депилирам.

Ова воопшто не личи на мене. Или личи? Сепак, облеката е тука, па и козметиката и четката за коса. Соработував со стилист минатата есен, загрижена дека почнувам да се облекувам како тетка. И долго си купував носен накит, ташни и чевли онлајн. Обожавам облека. Отсекогаш сум била суетна за тоа.

Зошто ми беше срам да признаам дека сакам облека, дотерување и мода? Изгледа мислев дека не вредам за да носам убава облека. Станав девојка во доцни ’70-ти и рани ’80-ти, кога стандардите за изгледот на една жена беа многу тесни. А јас имам широки рамена, големи коски, широк струк и мускули. Поголемиот дел од животот војував со телото, со диети, вежбање, за да го претворам во нешто што никогаш не можеше да биде. Но, кога наполнив 60, решив дека ќе се помирам со него. Всушност, и пишувањето за тоа примирје ме доведе до книгата од лични есеи што требаше да излезе на 5-ти мај. И како што пишува во еден есеј, никогаш не сум се чувствувала поубаво од сега, на возраст од 61 година. Косата ми е порасната до должина што кај возрасни жени не се одобрува. Лицето и вратот носат докази на поминати 6 децении. Гледам во огледало и воодушевена сум. Не користам ни филтери за селфи.

Освен ако не ги сметате приказните за филтери. Облеков еден свилен фустан од Дона Каран, купен во 2002 и ми донесе плима од спомени. Ја споделив анегдотата - како сопругот инсистираше да ми го купи кога виде дека тоа што сум го спакувала за на една премиера е премногу обично. Искрено, претерано се дотерав, но беше прекрасна вечер, иако боса се враќав до хотелот, со штиклите во рака.

Колку време ќе бидам упорна со секојдневно селфи? Додека го пишувам ова, нема информација кога мојата домашна држава Мериленд ќе се отвори повторно. Можеби ќе престанам кога ќе го завршам романот, со оглед на тоа дека нема да ми треба инспирација.

Поважното прашање е: Дали ќе престанам да се дотерувам, дали ќе се вратам на навиката да ги поминувам деновите во тренерки, туширање, па пижами? Се надевам не. Мислам не. Ова го пишувам во работен ден, навечер, пред да почнам да спремам вечера. Носам лабав црн макси фустан и сандали со висока штикла. Имам фризура, шминка, обетки и впечатливо ланче. Ова не ми е за сликање и социјални мрежи, каде што објавив пижами со суши и прославив нов момент во мојот ракопис. Не е ни за маж ми, ни за ќерка ми.

Ова е за мене.

-Лора Липман, наградуван писател на крими-романи

*Уредничката инсистира да го погледнете What a Way to Go!

9 јуни 2020 - 00:00