Ќе се ископува телото на Салвадор Дали, да се види дали е татко

Дали не е во можност да се буни за тоа дали станал или не станал татко уште од '89-та, откако е закопан во неговиот музеј во Фигерас.

А дали во својата фасцинација од непријатни, гадни и смрдливи работи, би бил воодушевен од ова што се најавува деновиве?

Којзнае.

Ама една Марија Пилар Абел Мартинез, која се издржува работејќи како гледачка (од тие со карти) тврди дека мајка ѝ била во кратка врска со Салвадор Дали и дека таа е плодот на таа врска.

Според нејзиното тврдење, нејзината мајка Антонија, работела кај семејство во близина на тогашниот дом на Дали. Ја напуштила работата во 1955-та и се омажила за некој друг човек.
Мајка ѝ неколку пати ѝ кажала дека му е ќерка на Дали, и тоа не само на само, туку и пред луѓе. И дека кога се случила таа афера, Дали бил женет за неговата муза Гала, со која немал деца.

Мартинез направила два тестови за докажување на татковство, но не донеле никаков резултат. Правната битка ја води со државата на која Дали ѝ го остави имотот.

Сега судот издаде наредба да се ексхумира телото на Дали, за да се провери тврдењето, и доколку сепак му е ќерка, ќе има право да го користи името и да наследи дел од имотот - но според шпанските медиуми, ќе треба и за тоа судски да се расправа.

Фондацијата Гала Дали нема коментар.

27 јуни 2017 - 08:00