Карла Фенди отиде во модниот рај

Наследничката на малото дуќанче за кожа и крзна, прв пат отворено во 1925-та во Рим, кое подоцна стана империја на која што таа беше Генерал, веројатно сега пие кафе со Џани Версаче и конечно може да одмори.

Фенди ги симна крзната од недостижните височини на аристократијата и ги измеша со обичниот народ, паралелно частејќи го светот со модни додатоци како the baguette и сите парфеми на кои вашите мајки мирисаат.

Во 1946-та, компанијата ја наследуваат сестрите Паола, Франка, Алда и Карла и ја претвораат во империја заслужна за она што значи италијански моден концепт.

Во 2007-ма го искористија Кинескиот ѕид како модна писта (коментарот беше: „единствената ревија што се гледа од месечината), а 40-тина години претходно, решаваат да соработуваат со еден ситен дизајнер што подоцна станува креативен директор и толку многу придонесува за брендот што го викаат и шестото дете на Фенди.

Шестото дете е Карл Лагерфелд.

Во 2001-ва, Фенди станува дел од LVMH Group, но Карла Фенди која е движечка сила на брендот останува почесен претседател. Лагерфелд и некои други мажи инволвирани во брендот не се жалат ич.

„Пет сестри се многу. Не ни зборуваа веќе, сопрузите беа пресреќни,“ рече Карл Лагерфелд за продажбата на главниот дел на компанијата.

Замислете да сте донесен сопруг во фамилија на пет моќни Италијанки. Само замислете.

Дарежлива, со природен талент за забавување луѓе, секогаш во центарот, со насмевка, гостопримлива и во најневеројатните бунди – вака ја опишуваат луѓето што ја испраќаат. И да добиеш покана за журка на Карла Фенди било врв на врвовите.

Била многу блиска со нејзината внука, Силвија Вентурини Фенди која на телефон со Вог раскажува: „Сите ја викаа Тета Карла и ни беше столб на семејството. Беше душата на нашиот клан и водач на глутницата, со природна харизма. Многу умна, многу остра и секогаш гледаше напред. Вистински визионер. Обожаваше предизвици и не се плашеше да преземе ризик. Секогаш викаше дека ништо не е невозможно“.

Чао, Карла. Ќе имаш со кој да се дружиш.

21 јуни 2017 - 10:40