Каков треба да е филмот за да го забранат во Франција?

Кога се работи за земја каде што на децата ништо чудно да им пуштаат Irréversible наместо Baby's First, не се очекува да постои список на забранети филмови.

Налетав на списокот овде, каде што има 8 филмови, од кои повеќето се забранети поради времето во кое што излегле. Во време на војна и пропаганда не е чудно што не давале да има филмови како The Battle of Algiers или Le Corbeau, заради анти-воена тематика или тоа што го потсетуваат народот на отпор - бидејќи тоа секако се случувало насекаде. Она што е интересно е како земјата што се гордее со својот Гаспар Ное забранува филмови на Кубрик?

Затоа, три:

Antichrist

Што му може Ларс фон Трир на еден  Гаспар Ное? Најверојатно ништо, ниту па обратно, и забраната не е затоа што одеднаш Французите се ненавикнати на содржина како во Антихрист. Приччината што филмот беше забранет дури во 2016-та, е што се појавило традиционалистичко католичко движење (од тие, најдосадните) и побарало филмот да се рекласифицира поради графичкиот приказ на секс и насилство. И пресудата била во нивна корист, затоа што филмот моментално чека нов рејтинг и не смее да се прикажува никаде во Франција.

Брачен пар чиј што однос ужасно се влошува откако ќе го изгубат детето. А со Вилијам Дефо (треба ли да се додаде нешто?) и Шарлот Генсбур која во дует со татко и ја испеа песната Lemon Incest, веројатно и можете претпоставите што баш за тој филм се фатиле традиционалните католици.

Baise-Moi

Изгледа е тешко да прогураш филм со име што буквално значи Fuck Me дури и во Франција. Приказната е за две жени кои се одмаздуваат после измачување и силување во текот на целиот живот, а во некои држави е преведено слободно и како „Силувај ме“, па можете да замислите колку е тоа тешко за гледање.

The Texas Chainsaw Massacre

Тексашкиот масакр со моторна пила го фати светот неспремен, па за него има подолг список на земји што го забраниле. Сепак, што толку ја заболе земјата што го одобри Sheytan?

За светот, целиот проблем е што филмот излезе во 1974-та, а неговите садистички и крвави теми ѝ дојдоа премногу на публиката. Полека почнаа да го дозволуваат скоро секаде, а со оглед на крвиштата и боди-хоророт што излезе од Франција во последниве неколку години, просто е фрапантно што – филмот е сè уште забранет.

Бонус: Carmen Jones

Кармен Џонс нема силување и не ја глуми Моника Белучи. Филмот е од 1954-та, романтичен мјузикл е и многу луѓе го вбројуваат во омилени и фини филмови. Зошто е забранет во Франција?

Авторски права и проблеми со Кармен на Жорж Бизе, па филмот е пуштен 30 години подоцна.

27 мај 2017 - 11:26