Како ќе изгледа авионскиот сообраќај отсега?

Бидејќи единствено што сме чуле е како проаѓаат нашите кога се враќаат од странство откако трае пандемијава (и многу добро знаеме како тоа изгледа), еве една девојка што лета во рамки на Америка, што своето искуство го разгледува од аспект - стварно ли ОВА нѐ чека во иднина?

На 13 март се качив на авион до Мајами за да ја отседам пандемијата. Речиси два месеци подоцна, на 14 мај, пак се качив во авион за дома. Проблемот е што пандемијата сѐ уште трае.

Не сме ни влегле во „новото нормално“, па тешко е да се предвиди како ќе се однесува травел-индустријата. Но, можам да ви раскажам како ќе биде да се качиш во авион за време на пандемија, па тоа може ќе ни даде некаква претстава за тоа како во иднина ќе се одвива авио-сообраќајот.

Прво, аеродромот беше морничав. Празен автопат и празен терминал не се многу пријатни кога си загрижен.

Отидов до шалтерот да чекирам торба и се фатив како нервозно разгледувам наоколу за да погледнам некој од вработените во очи - за некаква утеха, веројатно. Сите имаа маски и ракавици, се разбира, како и јас, но пак ситуацијата беше како преплавена со пречки. Да стигнеш до другата страна без да бидеш изложен. Откако ја чекирав торбата, следната пречка беше безбедносниот систем.

Деновиве патуваат многу помалку луѓе, па полесно е да стигнеш до секоја аеродромска точка. Сите имаа маски во ред, ги симнуваа само за да ги идентификуваат и овој дел беше прилично изводлив.

Сепак, делот со безбедност не беше организиран како што очекував. Прво, немаше никаков процес за дезинфекција на кадичките каде што ги ставаш металните (и слични) ствари, јакните, чевлите. Значи, ако немаш твои марамчиња за дезинфекција - штета, на аеродром не ти ги даваат. Значи, носете си.

Откако поминав, уште еднаш се соочив со бизарната реалност на празен аеродром. Како да си затворен во трговски центар навечер. Десет минути одев без да видам жив човек, а отворени беа само неколку штандови за вода и кафе. Освен тоа - никој.

На мое големо изненадување, на самиот гејт имаше гужва. Кога ќе размислам, логично беше, луѓето чекаат таму за да тргнат, а летовите се ретки, па немаат многу можности за избор. Сепак, не очекував.

И тука стана деликатна работата. Гужвата значеше дека не можеш да оддржуваш дистанца. Главно луѓето остануваа под маски, а ги вадеа само за јадење или пиење.

Но, кога дојде време за бординг, пак стана леплива работата. Како да немаше начин да наметнеш дистанца додека луѓето чекаат во ред - тоа беше оставено на совест на секого посебно. Па, можете да замислите.

Вработените потсетуваа, но освен тоа, не можеше многу да се направи. И реално гледано, било каков обид да се дистанцираш кога се качуваш во авион беше залуден. Нѐ качуваа по зони, што доведе до типично гужвање што се случува кога се качуваш во авион. На влез, стујардеси со маски даваа ќесички чипс и шишиња со вода. Човек да се праша дали во иднина би било подобро едноставно да делат средства за дезинфекција.

Летот беше речиси полн. Имав среќа во мојот ред средното седиште да биде празно, ама погледнав позади и многу редови ја немаа таа среќа.

Уште една забелешка - мораше да се носат маски на летот и сите беа послушни. Само еден пар, кои и двајцата не носеа маска дури и кога се качија, мораше да ги потсетуваат да ги стават. А и кога ги ставаа… Не го покриваа носот. За жал, стујардесите овде немаат многу ресурси. И носењето маска е оставено на добрата волја на патникот.

Откако слетавме, на ред дојде багажот. Бев среќен што имаше стикери за дистанцирање кај каишот, но тоа стана исто така залудно кога почнаа торбите да излегуваат. Луѓето си влегуваа и излегуваа од личниот простор за да грабнат торба, па концептот на дистанцирање и тука беше непостоечки.

Летањето во сред пандемија ми отвори повеќе прашања отколку одговори за тоа како ќе изгледаат следните шест месеци или година во однос на патување со авион или со воз.

Но, важи истото што важи и за целава пандемија - ќе мораме да почекаме и да видиме.

-Роксен Адамијат

10 јуни 2020 - 00:00