Позајмено интервју:

Ајрис Апфел: Стилот не се учи

Ирис Апфел, претприемач, дизајнер на ентериер, модна икона и најјака.

Г-ѓо Апфел, мора ли да се биде бестрашна за да се биде модерна?

Никогаш не размислувам така за работите, но веројатно да. Но, зошто да се секирам? Нема да дојде модна полиција и да ме стави во затвор! Сакам светли бои, но никогаш не сум направила нешто за да бидам бунтовник... Едноставно затоа што беше забавно и ми беше добро. И се додека не ја навредувам мајка ми, или маж ми со тоа, мислењето на другите не е мој проблем!

Отсекогаш ли сте имале пасија за бои?

Не сум јас за пастелни бои. Ме нервираат. Не би можела да бидам како мајка ми, затоа што нејзе ниедно влакно не ѝ штрчеше! Стануваше наутро и изгледаше како да излегла од списание. Беше совршена цело време. А јас не сум таква. Сите се вртеа да ја видат, но на сосема поинаков начин од мене. Мајка ми беше многу подисциплинирана. Јас правам што ќе ми текне.

Рара Авис, Институтот за костими на изложбата на Metropolitan Museum of Art во 2005-та прикажа облека и предмети од плакарот на Ирис Апфел од последните 40 години. Сите комбинации беа креирани од самата Апфел.

Изгледа ви треба одредена доза на спонтаност во животот.

О, апсолутно! Боже, не би можела да живеам во ригиден свет... Да знаев точно што ќе правам секој ден, би полудела! Секој ден е различен. Јас не планирам. Или го правиш вистинското, или погрешното, но секако го правиш. Експериментирам, љубопитна сум и пробувам. И ако ми се допаѓа, го правам тоа повторно!

Значи облекувањето го доживувате како работа?

Боже, не, ако беше како работа немаше ни да го правам! Ако беше како работа, немаше да се облекувам! Луѓето мислат дека живеам за да се облекувам, што е без врска. Обично носам стари фармерки и џемпер, или нешто што ми е удобно.

Не можам да ве замислам во стар џемпер и фармерки.

Стварно?

Секогаш изгледате неверојатно на сликите.

Па, повеќето луѓе не би сакале да ве видат во такво издание. Јас никогаш не изгледам растурено, секогаш изгледам чисто! Но дури и кога сум дотерана, сакам да ми биде удобно. Ако не ми е, не сакам да го носам тоа. Не обрнувам внимание на трендови и такви работи. Никогаш не сум се клатела во некакви кондури само затоа што биле модерни.

„Стилот не се учи. Стилот ти е во ДНК. Нешто вродено.“

Дали е тоа проблемот со модата во денешно време? Луѓето носат неудобни работи, само затоа што се последен тренд?

А, не. Мислам дека модерната гардероба е преудобна. Луѓето го искористуваат тоа и почнуваат да изгледаат несредено, никој веќе не внимава на тоа што е пригодно. Пригодното станува срамотен збор. Тренерките се во ред каде што им е местото, ама не можеш во театар со тренерки. Мислам дека е непочитување кон уметниците на сцена! Театарот е како храм. Одиш да се поклониш на занаетот, на уметноста, на храната... Ако одиш во храм за храна, треба да се облечеш како што треба. Ако дојдеш облечен како свиња во апостолки и валкана тренерка, мислам дека е ужасно!

Кој е виновен за ова?

Тоа е еден цел распад на општеството, сигурно си забележала. Како се однесуваат луѓето. Како зборуваат, како се облекуваат, како изгледаат. Сè. Се заглупува општеството. Пред години не можеше ни да се влезе во ресторан ако немаш сако. Имаа сакоа на влез и ти ги облекуваа. Сите се дотеруваа за во ресторан. Сакам јас кога одам во ресторан, да погледнам на другата маса и да видам луѓе кои изгледаат привлечно. Кога ќе видам некоја животиња со раскопчана кошула и влакнести гради, губам апетит. Мислам дека тоа е непочитување.

Непочитување на луѓето околу себе?

За себе, бре! Мислам дека кога излегуваш не мора цело време да си дотеран. Сигурно тоа нема да ве убедувам. Но мораш да изгледаш чисто и средено, знаеш, да не ги навредуваш луѓето со твојата појава. Мислам дека некои од луѓето што се тетерават по Петтата авенија летно време, некои дами со газови како од овде до Марс, што носат хеланки, или фармерки што се толку тесни... Ми делува дека колку се понепривлечни луѓево, колку се подебели, толку помалку облека носат.

Ви недостасува ли модната сцена на стариот Њујорк?

Не би жалела за тоа сега, но порано имаше неверојатна модна сцена, а сега не верувам дека има многу што да се види. Кога ќе се прошеташе човек по Петта авенија или Парк авенија во ’50-ти и ’60-ти, сите изгледаа прекрасно. Сега ако си чист и добро облечен личиш на чудак. Беше друг свет.

Како тоа?

Па прво, облеката беше облека. Беше направена како што треба, со прекрасни материјали. Имаше прекрасни дизајнери што знаеја како да сечат и шијат. На времето во Њујорк ги имавме најдобрите дизајнери.

Дали паметите кога почнаа работите да се менуваат, на пример кога Америка влезе во Втора светска војна?

О, се разбира дека се сменија. Модата веќе не предничеше. Акцентот не беше на создавање убави алишта. Фабриките се сменија, изработуваа воени униформи и такви работи, расположението беше мрачно. Немаше мода. Сè беше поедноставено.

Затоа што само одредена количина материјали беше дозволена за време на војната?

Да, и дури после војната Диор влезе со New Look. Правеше модели со големи сукњи затоа што конечно повторно имавме вишок материјал. Тоа е интересното, ако сакаш да студираш мода, тоа е фотографија на секојдневниот живот. Политичката клима, економската клима, социјалното однесување... сè се рефлектира во модата.

А што кажува денешната мода за нашите животи?

Мислам дека повеќето луѓе не знаат кои се навистина. Се чувствуваат сигурно ако изгледаат како други  луѓе... Во агонија се за нивниот изглед! Неверојатно! Не знаат ни што да носат, ни како и несреќни се. Но не можеш да научиш стил. Стилот, мислам дека ти е во ДНК. Можеш да научиш да бидеш помодерен, како подобро да се облекуваш, но мислам дека не можеш да научиш стил. Тоа е нешто вродено. Мораш прво да знаеш кој си и да почнеш од таму – а тука има многу работа! Повеќето луѓе не сакаат да го направат тоа. А ако не сакаат, и ако им создава стрес, тогаш секогаш велам, подобро е да си среќен отколку добро облечен.

30 мај 2017 - 12:22