Дали функционираат корсетите од Инстаграм?

Кога човек не може да се закопча, спремен е да проба што и да е. Вака од прилика почнува сведоштвото на Адријен Дидик од списанието на Опра, запишано после одредено време поминато во извиканите waist-trainers – корсети за намалување на обемот на струкот.

Идејата е иста како и во 19-тиот век: Цело време да ја носиш оваа направа за малтретирање струк за да го смалиш. Ова божем се случува со тонирање на кожата околу стомакот и мазнење на салото. Делува глупо, но некои жени се колнат во него, особено после породувањето, па новинарката решава да го проба.

Изрекламирано до бесвест од различни Кардашијани.

Резултатот: ова и не е баш некој скратен пат до рамен стомак – времето што го трошите на влегување и излегување од пластиката секој ден може на пример да се потроши и во нешто издржано од типот на стомачни вежби. Треба да влезеш во него, да го вовлечеш стомакот, да врзеш 18 куки и да облечеш нешто што си го носел кога си бил средно. Отпрвин, постојаното притискање е хорор – не можеш ни да се наведнеш, но после една недела носење по 13 часа на ден, притискањето станува и удобно.

(А вие мислевте дека едно копче ве дели од непријатност до опуштеност после добар ручек.)

После месец, изгубила 2,5 сантиметри во обемот на струкот, но најнеочекуваниот позитивен резултат бил всушност – подобро држење. Како и повеќето луѓе, Дидик ги минувала своите денови згрбавена пред компјутер, но со корсетот, неправилното виткање на кичмата било невозможно. Корсетот ја навикнал свесно да размислува за држењето и откако престанала да го користи.

За крај, завршува со коментарот дека не би ѝ пречело да изгуби уште некој сантиметар, но корсетот сепак – оди во фиока. Освен тоа, самодовербата што ја проектираш кога стоиш исправено, ти го подобрува изгледот без разлика на конфекцискиот број.

Одиме на другата, посериозната страна. Askcoach.com предупредува дека ваквите корсети можат да бидат опасни до степен на оштетување на внатрешните органи, со тоа што притискањето го ограничува доводот на крв и кислород до нив. Можат да предизвикаат атрофирање на стомачните мускули, затоа што се неактивни, што значи дека се битни паузите и вежбањето. Можете и да дехидрирате, затоа што го загреваат и потат средишниот дел на телото.

Крајна пресуда? Ако сакате пробајте, ама со усул. Не е прв пат да правиме глупости заради убавина.

20 јуни 2017 - 11:02