Крсте има нов албум

Вториот албум на Крсте Роџевски “Bitter Almonds” излезе на 7-ми јануари во САД, а својата лајв-промоција ја имаше 8 дена подоцна во култниот њујоршки клуб Joe’s Pub. Снимен е во студиото „Бункер“ во Бруклин, во периодот 26/27 јануари 2016. И во оваа прилика Роџевски го придружуваат неколку врвни музичари од њујоршката џез и импро сцена: Мери Халвoрсон (електрична гитара), Тејлор Хо Бајнам (труба), Крис Спид (тенор саксофон), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Албумот, издаден за Much Prefer Records на компакт-диск и винил, содржи десет авторски композиции на Роџевски отпеани на англиски јазик.

Музиката на Роџевски е поетична, комбинација на модерното компонирање и фолклорното и лирско наследство на Македонија, натопена во различни музички влијанија: од боса-нова, преку авант-поп, сè до експериментален рок и фри-џез импровизација. Раскошните аранжмани, беспрекорното музицирање и совршената продукција само ја збогатуваат звучната слика во која, сепак, главен збор има уникатниот вокал на Роџевски, кој е во исто време безвременски и модерен, нежен и жесток, интимен и авантуристички.

“Bitter Almonds” е вториот албум од трилогијата „Апоптоза“ на Крсте Роџевски. Во циклусот на создавање песни за трилогијата, тој креира сложена лична митологија кадешто во главната улога се појавуваат туѓинци, љубовници и легендарни ликови од балканската и византиската историја како и од преданијата, поврзани околу темите љубов, загуба, секс и смрт. Крсте веќе го компонираше материјалот за третото продолжение од оваа трилогија, под наслов “The Rabbit and The Fallen Sycamore”, албум што ќе биде снимен оваа година. Неговиот прв албум „Батанија“ доживеа блескави критики во Wire, Jazz Right Now, All About Jazz итн.

Десетте нумери на “Bitter Almonds” се во суштина љубовни песни, иако поинакви. „Не можеш да сакаш некого“ - вели Роџевски „ако не се помириш со оној дел од себе што е лут на таа особа“. Наследникот на „Батанија“ е албум што зборува за човечката состојба – за страста, за копнежот и страдањето. Малку горчлив и мрачен на прво слушање, “Bitter Almonds” сепак остава пријатен aфтер-вкус на сладок, иако тивок, оптимизам. „Албумот зборува за нашите внатрешни конфликти и нашиот однос со себе, како и за мојот обид да ги процесирам таквите конфликти преку личното искуство, но не од дистанца, туку одејќи таму, на местото на случувањето“.

Музиката на овој албум, како и самиот автор, се спротивставува на секоја лесна категоризација. Роџевски ја опишува на овој начин: „Содржи џез/експериментални музички елементи интегрирани во една поп-рок структура, со повремено присуство на елементи на фолк и музика на светот. Експерименталните и џез музичарите на кои им пристапив и на кои им се восхитувам не се плашат да прошетаат низ местата кадешто живеат спонтаноста и основните чувства и мотиви, низ местата кадешто емоциите се деконструирани како телото во кубистичкото сликарство. Не случајно ги ангажирав токму овие музичари.“

Две песни од овој албум ќе се најдат на саундтракот на “Bikini Moon”, новиот филм на Милчо Манчевски, кој пак го дизајнираше омотот на „Bitter Almonds”.

На Офф.нет овде, овде, овде, овде, овде и овде
На ФБ овде

21 април 2017 - 16:46