Змејарство: Светско и Европско за првпат во Македонија

Време е да направите sign out од онлајн животот и да кликнете sign up за природа и авантури. Да бидете публика и директна поддршка на две големи натпреварувања кои за прв пат се одржуваат во Македонија, благодарение на Воздухопловната Федерација нa Македонија и нејзината соработка со спортскиот клуб "Крос Кантри" од Охрид.

Станува збор за 19-то Европско првенство во змејарство класа 1 (Hanggliding) и 5-то Светско Првенство во змејарство класа 5 (Rigid wings), за чија организација Федерацијата доби зелено светло токму од Комисијата за слободно летање (CIVL) која е дел од Интернационалната Воздухопловна федерација (FAI).

По успешно реализираните предевропски натпревари во змејарство и параглајдерство кои се одржаа во Пелагонискиот Регион, летото 2015та година, Македонија ова лето ќе биде домаќин на змејарската елита од Европа и светот.

Во периодот од 16-ти до 30ти јули 2016 година, небото над Крушево, Прилеп и Кривогаштани ќе биде арена за овие две значајни првенства во слободно летање. А, вие ќе имате можност да уживате во убавините на природата и да ги следите трките на најдобрите пилоти во оваа дисциплина на слободно летање.

Натпреварите ќе се одржуваат над целиот пелагониски регион, а стартните точки ќе бидат поставени во Крушево, поточно од Мечкин Камен. Благодарение на совршените услови кои ги нуди ова поднебје, пилотите во крос кантри дисциплината ќе имаат можност да прелетаат и по 200 километри во една трка. Имајќи ги предвид преубавите природни пејсажи на регионот и поволните услови за летање, учесниците во првенството ги очекува исклучително адреналинско искуство.

Овие две големи првенства ја ставаат Македонија на мапата на најпосакувани дестинации за спортистите и поддржувачите на слободно летање од Европа и ширум светот. Тоа претставува одлична можност за промоција на нашата земја не само како туристичка, туку и како дестинација со одлични услови за слободно летање, особено за вакви значајни шампионати. Но, и шанса Вие да излезете од здодевната рутина и да доживеете едно несекојдневно искуство.

30 јуни 2016 - 17:28