Во чест на Ѓумар


Небесна симфонија
на Саша Николовски-Ѓумар

Немам што да ти кажам, пријателе.
Ветените песни не ми ги даде,
оти и јас и ти сакавме да сме побрзи од времето.
Секој ден правевме огромен грев:
противприродна фисија на секундата,
атомска експлозија на вечност во мигот.
Будали, неранимајковци, и јас и ти.
Да се нема време, а да се биде часовник?!

И стопати сме зборувале
јас, ти и маестро Мирослав Спасов:
најголемите глупости човек
во сабота попладне ги прави.
Оти си вели: "Утре е недела, ќе се одморам."

Од балконот овде, рано утринава,
откако слушнав за твојата саботна
попладневна непромисленост,
лут на тебе, гледав: гулаб и гулабица
во потрага по зрна на тревникот, безуспешно.
Со еден поглед се договорија.
Тој ги рашири крилјата како диригент,
како фон Карајан, како фон Ѓумар,
и одлета, шумно мафтајќи со крилјата.
Никој во тој звук не слушна посрмена музика,
освен гулабицата, која остана сосема спокојна,
како Бог во оној ден по создавањето на светот.

Знае, само таа знае дека ќе се врати тој.
Замина само по уште некои ноти
од небесната симфонија,
кои како на диригент, му беа неопходни.
Овде, на земјава.

Венко Андоновски
Белград, 15.1.2017, 8:35

 

16 јануари 2017 - 20:39