The Distinguished Gentlemans Ride – Скопје 2016

Оваа година за прв пат нашето Скопје ќе биде дел од глобалното движење “The Distinguished Gentlemans Ride” кое е единствено од овој тип и се одржува на ист датум со иста причина во повеќе од 500 градови во светот.

За поддршка на каузата (собирање средства и подигнување на свеста кај мажите за превенција од рак на простата) повеќе од 60 моторциклисти со уникатни мотори и специјална џентлменска гардероба ќе продефилираат низ централните скопски улици. Главен акцент на настанот е префинетиот вкус во модата и уникатност на моторциклите, со што ќе се навратиме наназад во ерата кога естетиката и деталите биле многу повеќе присутни и ценети од денес.

The Distinguished Gentlemans Ride е основан во 2012 година од Mark Hawwa во Сиднеј, Австралија и како свое лого има џентлмен со луле и монокл облечен во најфин машки костум. На самиот почеток основната цел била да се разбијат негативните стереотипите за моторциклисти, да се покаже друштвената нота и собирот на мотоциклисти како позитивно нешто.

Првиот настан успеал да обедини 2500 мотоциклисти во 64 града, што било причина Марк да го искористи во хумнитарни цели, воедно подигнувајќи ја свеста кај мажите за сопственото здравје.

Доказ за тоа дека истиот е глобално прифатен се и самите бројки за настаните во годините по првата организација до денес:

  • 2013 година повеќе од 11.000 мотоциклисти во 145 града и собрани донации од 277.000$ за истражувања на рак на простатата
  • 2014 година повеќе од 20.000 учесници во 257 града и 58 држави и собрани 1.5 милиони долари за истражувања на рак на простатата
  • 2015 година повеќе од 37.000 учесници во 410 градови и 79 држави со собрани 2,3 милиони долари за истражувања на рак на простатата.

Оваа година до моментов се регистрирани 50,000 учесници во повеќе од 500 градови и 90 држави и како што споменавме Скопје е еден од тие градови каде што до моментов се 67 учесници и собрани донации од околу 800$, што е една од најдобрите организации во регионов.

Партнер на настанот е глобалната Мовембер Фондација, Ве очекуваме на 25ти Септември во 13 часот во Тренд Гастро Бар во населба Аеродром заедно да ја испратиме оваа глобална порака и да ја подигнеме свеста за здравјето на мажите на еден поинаков префинет мото настан.

повеќе на www.gentlemansride.com

21 септември 2016 - 14:45