Промоција без промоција на Алек Русјаков

Во петок, 07. 10, 2016, од 21 часот на Факултетот за драмски уметности, промоција без промоција, на збирката песни ГОЛТКА ВОСХИТ ОД СОЛЗИТЕ НА ВЕЧНОСТА, во издание наИли Или.

24 NATO KITCHEN

Им пречи вулгарноста

Пичка и материна наместо добро утро

Пичка и материна во моите стихови

Тие сакаат нежно да ги допира постоењето

Тивко да ги милува секојдневието

Залче по залче да ги храни дадилката на нивните животи

А кој не би сакал

Да му ја сервираат вистината како топол оброк

Павлов рефлекс

Лигави се за да добиеш порција информации

Свежо исецкано детство

После воена кампања

Што ќе ти донесе напалм демократија од небото

Зачинето мелено месо

Семеен оброк од сервирано семејство

Кое се нашло на погрешно место

Во погрешно време

Во својот дом

Кога куварите на човечките судбини

Одлучиле да им донесат слобода

На оние глупаци што токму тогаш

Одлучиле да спијат

Семеен оброк од испечено семејство

За да уживаат сладокусците, гурманите

Во своите удобни фотелји

Пред своите моќни телевизори

Вести за двајца

Гарнир од човечки животи

Во експрес лонецот

На нашата цивилизација

 

ПИСМО ОД ЊУЈОРК         

Драг мој

Не можам да излезам од моите зборови

Од моите пцости, реченици, стравови и страсти

Џорџ Буш помладиот ќе ја бомбардира месечината

Храна за месечарите, нафта за месечева прашина

Еве, дури седам овде на каучот, тој проповеда

А јас зјапам во Емпајр Стејт

И плачам на мојот јазик во туѓа земја

Њујорк е град ист како Скопје

Две илјади пати поголем од него

Досадата овде е иста како онаа дома

Две илјади пати поголема само

Не тажам за дома, се дебелеам

Мек Доналдс е бог, водата смрди

Нема во мене носталгија, ниту грижи

Порно индустријата ми дава надеж

А и пцостите наши лесно ги преведов на англиски

Не зборувам многу

Молчам исто како што молчев дома

Слободата на молкот ми го гарантираат со устав

Тука контејнерите се полни како дома

Од нив чади ужасот на Африка

Сиромаштијата и лагата на светот

Метроата се полни со потта на проклетите

Потта на глупавите

Луѓето се згужвани, луѓето се депресивни

Луѓето се луди, нервозни и гневни

Џери Спрингер е милионскиот психијатар

Сестрите Хилтон се во мојата постела

Рекламите се полни голи девојки

Продаваат надеж, три долари за во рајот

Глупите фрази ќе ти го купат умот

Душата ти ја земаат на царина, Холивуд те чека

Улиците се крвави, борделите полни

И никој не ти подметнува дрога во пијалокот

Драг мој

Тука Индијанците се Евреи

Од гасните комори на Аушвиц

Тука Евреите ја довршија вавилонската кула

А црнците, проклетите црнци

Ги присилиле белците, кутрите белци

Да ги земат од Африка, да робуваат

Малком Икс е нацист

Доалд Рамсфелд будист.

Си Ен Ен ти нуди вистина

Тука прозорското стаколо е проѕирно исто како дома

А ужасот и валканоста од другата страна

Смрдат на истиот начин.

Чаплин е мртов, Бин Ладен шета низ Менхетен,

А на Господ секси му стои превезот врз очите

 

РАДОСТ

Ги сакам будењата

Сеедно кога и каде, ги сакам будењата

Првото отварање на очите

Првото соединување на душата со светот

Изгледот на таванот, мирисот на воздухот

Последниот допир на сонот со мечтите

Тишината што ми лежи на усните

Ги сакам осамените будења

Тврдината на пенисот, неизбежната утринска ерекција

Ги сакам будењата крај некоја, крај која било

Крај жената што ја сакам

Крај жената што долго сум ја посакувал

Крај туѓа жена побегната од прегратките

На некој што долго ја посакува

Крај некоја пријателка

Со која сношти се опивме смеејќи се

И не издржавме да останеме облечени

Ги сакам будењата

И секогаш се будам пред будилниците

Го сакам првото кафе наутро

Онака студено, од сношти приготвено

Го сакам штотуку сварено, онака врело дури чади

Го сакам без шеќер, го сакам презашеќерено

Неговиот вкус, течноста што го допира јазикот

Моќта да ми ги отвори очите

И ритуалното, добро утро

Што го испраќам кон оној што го берел

За продавачот што го мелел

Го сакам првото кафе наутро

Првата цигара наутро

Она парче отров што ми ги полни градите

Фино спакуван тутун на чиј крај седи будала

Како што вели еден мој пријател

Ја сакам цигарата, чадот околу мојата глава

Го сакам чадот

Неговите перформанси низ собата

Горчливиот вкус во грлото

Жарот, портокаловото сонце на крајот од тишината

Последниот чад од неа

Нејзината смрт меѓу моите прсти

Што ми остава трага врз кожата

Ја сакам цигарата

Петминутен дејалог со жештината

Го сакам подигањето на ролетните

Денот што ме пречекува

Од другата страна на стаклото

Сеедно каков, сеедно каде

Го сакам радиоактивното сонце

Изворот на животот

Немиот сведок на постоењето

Непријателот на мојата кожа без пигменти

Го сакам дождот

Наречен бура, наречен невреме

Совршениот ритам што се цеди од небото

Неговиот вообичаен сив костум

Огледалата што ги постила по улиците

Ги сакам молњите

Мојот паничен страв пред нивната боженственост

Го сакам снегот

Белата боја на студената чистина

Сакам да ги подигам ролетните

Да ги отварам кепенците на мојата душа

Каде било, било кога

За да му се радувам на она

Што мене ми се радува.

Алек Русјаков

5 октомври 2016 - 12:40