Политички коректни (изложба)

Политички коректни се младите во Скопје. Тие го следат примерот на постарите од каде се запознале со различното дефинирање на етиката и моралот. Игноранцијата и комплетниот недостаток на комуникација помеѓу различностите циркулираат како политички коректни.

Во тешкотиите да се разбере поинаквиот, секогаш е полесно да се молчи, да не случајно започне воена интервенција, пак. Молкот е привремена солуција, навидум успешна. По долго практикување, молкот успева да се наметне во еден поширок аспект од секојдневниот живот. Тој станува претпознатлив културен сегмент, кој има конститутивен карактер.

Цртежите се илустрација на различните положби за молчење и можат да послужат како упатство за успешно користење.

„Политички коректни“ е насловена изложбата на цртежи на македонскиот уметник Сали Ертунч, што од 25 февруари до 11 март, ќе се одвива во скопската Галерија 7. Станува збор за 20-на репетитивни портрети во кои фокусот е ставен врз „генерацијата млади коишто веруваат дека игнорацијата е вистинскиот начин на етичко однесување, забораваат на комуникацијата, се навикнуваат на таквиот живот и засекогаш замолчуваат“.

24 февруари 2017 - 08:50