Гарет го рецитира Џовани

Пишувањето те спаси

Да не беше пишувањето,
тоа ортомасто влакно за кое
се фаќаше ко слеп за сламка,
ќе те оплакуваа, одамна…
Тие паузи од пороци, трезвени
резови, кревање рачна пред бездна.
Денови во кои се криеше од убавите луѓе,
во кои бегаше од себеси за да се најдеш,
во кои се инфузираше со музика и поезија…
Доброволен карантин со цел
топ хартија во лаптоп.
В зори, небаре нешто гори,
или во ноќите со кои се бореше
да не те проголтаат како што ти
голташ читливи четива.
Тие зборови-сложувалки чиј редослед
умее да разнежи и наежи, да шутне и кутне.
Еден куп твои пријатели отидоа јабана
само зашто немаа вистинска пасија
(а живот без пасија е живуркање на вересија).
Пишувањето те спаси од сигурна смрт.
А одамна сфати дека во тоа разбрането
поетско море што се прелева од алкохол,
тутун, жени, нездрав живот,
но и од правдина и искреност,
речиси никогаш не се дават
лошите пливачи,
туку само најдобрите.

Јовица Ивановски

23 март 2017 - 09:53