Фотомедиа по 15-ти пат во Скопје

Во четврток, 10-ти ноември, во галеријата „Чифте амам“ се отвора XV меѓународно биенале на фотографска уметност ФОТОМЕДИА, во организација на Фото клуб „ЕЛЕМА“ од Скопје. На поставката ќе бидат претставени околу двесте фотографии од сите континенти на светот. Добитник на престижната гран-при награда „Плакета на Град Скопје“ е Аркадиуш Браницки од Полска, а традиционално наградата се доделува по повод 13-ти Ноември, денот на Град Скопје. Изложбата ќе ја отвори Елизабета Аврамовска, ликовен уметник и универзитетски професор, а потоа следува традиционална ФОТОМЕДИА забава.

Според зборовите на Боро Рудиќ (МФ ФСМ), кој заедно со Зоран Пургер (МФ ФСС, Србија) и Јавор Попов (Бугарија), ја направија селекцијата и ги доделија наградите, карактеристика на овогодинешната Фотомедиа е тоа што конечно запре континуираното намалување на бројот на испратени дела. За првпат по десетина години, постои пораст на пристигнатите дела, зголемување за петнаесет проценти во однос на последната изложба.

"Дали е ова знак дека вистинските автори полека се заситуваат од дигиталните изложби и нивниот начин на работа, каде презентациите на фотографии обично завршуваат само како проекција на некој ѕид, или е ова чиста случајност, ќе покаже времето", истакнува Рудиќ во уводната реч за каталогот на ФОТОМЕДИА 2016.

ФОТОМЕДИА е една од ретките изложби во светот која сè уште ја негува исклучиво принт-фотографијата, во која доминира авторскиот пристап и по тоа е препознатлива во Светската фотографска асоцијација (FIAP).

9 ноември 2016 - 11:37