Ние го имаме Крсте, Крсте има албум!

Гласот кој со својата мекост и лековита меланхонија нè освои од прво слушање, сега е распослан на цел еден албум. По промоцијата во Њујорк, добриот глас на Крсте Роџевски стигнува и во Скопје и Битола. 

На македонската публика Крсте ѝ го откривме по наша грешка. Од наши луѓе во Л.А. (баџото) чувме дека во Њујорк има некој нашинец кој има магија во гласот. А бидејќи Њујорк е на Дуке, го прашавме нашиот пријател што е со таа приказна за човекот со чудесии во гласот. Дуке веднаш ни прати песна од него!  А песната толку милина (овде) што побрзавме да ја споделиме на сајт, за дури отпосле да го забележиме упатството на Дуке дека не е тоа за објавување туку за наше уживање. 

Ама, веќе бидна. Беше блесаво допрва да ја вадиме песната од сајт бидејќи се беше раширила по македонските звучници па му се извинивме на Крсте што несакајќи му го пореметивме мирот. Тој добронамерно нè прочита (човекот е психијатар, со секакви си имал работа), потоа ни стана диџеј во Трендоленд, ја слушавме преубавата Крк Кардаш, го имавме заедно со Дуке и Донка а некаде попат ни се довери дека ќе почне да работи тивко и полека на свој албум.

Овојпат почекавме со објавување и мелемот пристигна. Битолчанецот од Њујорк има албум кој се вика Батанија.

"Албумот излезе на 1ви септември во САД, а својата лајв промоција ја доживеа неколку дена подоцна во култниот њујоршки џез-клуб Joe's Pub. Снимен и продуциран во Њујорк, „Батанија" го претставува Роџевски како комплетен автор, гитарист и пејач, во друштво на некои од највозбудливите музичари на њујоршката џез и импро сцена: Мери Халварсон (електрична гитара), Кирк Нуфке (труба), Мајкл Бланко (контрабас) и Томас Фуџивара (тапани). Отпеан целосно на македонски, а издаден на компакт-диск и винил, албумот „Батанија" ќе биде промовиран на 24 септември (четврток) во Скопје, а еден ден подоцна и во Битола", наведувааt луѓето од Much Prefer Records кои со задоволство ве покануваат на македонските промоциите.

Од албумот Батанија:

Кадифе:

Nikaj Nizijan (Ни ќар ни зијан)

Повеќе информации за промоциите побарајте овде.

***************

Друже мој, ти се радувам.

23 септември 2015 - 11:26