Летајте Пекинезери!

Шнауцерка да требаше да се породи од шарпланинец ќе беше побрзо, ама, еве ги. Летечки пекинезери излетуваат со својот втор албум  "Дог шоу". 40 минути разно-разни чудесии на нашите драги несубвенционирани работници од областа на џезот, свингот и народната музика. Промоција во Менада, весело и теби и мени.


Албумот го издава СЏФ рекордс, снимен е на крајот на минатата година во Империјал салата во Македонската опера и балет од Ален Хаџи-Стефанов, кој заедно со бендот и го продуцираше материјалот.


40-минутниот албум е целина од повеќе музички профили, кои генерално припаѓаат на џез категоријата и се обединуваат во препознатливиот израз на составот. Сите теми се авторски, освен едно македонско народно оро, кое заради аранжманската целина на "Дог шоу," сосема природно се спојува со останатите песни.


На официјалната промоција во Менада во старата скопска чаршија, во среда во 21и 30 часот, Летечки пекинезери ќе отсвират дел од музиката што се најде на албумот, па повелете... чујте за што се работи.


Квинтетот се: Бојан Петков - гитара, Иво Солдатовиќ - кларинет, Кирил Туфекчиевски - контрабас, Петар Христов - тенор саксофон и Славчо Коцев - тапани.

 

25 ноември 2014 - 13:24