Букбокс доби награда

Во ера кога национален спорт одамна е станато (демек промуќурно а всушност одвратно параноично) читање меѓу редови, нашата рубрика доби награда за промовирање на онаа навика понекогаш да се читаат и редови. 

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го награди „Букбокс“ на Офф.нет со специјална награда за промотор на читачката култура.

„Благодарност до Македонската асоцијација на издавачи за наградата доделена на Букбокс на Саемот на книгата - „промотор на читачката култура“. Со желба повеќе сајтови како off.net.mk и повеќе уредници како Сашо Мацановски Трендо да поддржуваат рубрики за култура, па за некоја година ваква награда да добијат некои помлади и поубави деца, на кои ќе им биде ќеф да пишуваат за она што го читаат“, ќе рече на Фејсбук уредничката на Букбокс, Илина Јакимовска.

Нејзиниот Букбокс уште од првиот ден е конститутивен член на нашата унитарна федерација (да, може и тоа кај нас) и функционира како и целиот сајт. Да не се пишува за тоа што на публиката ѝ треба (а генерално ништо не ѝ треба освен дневните дози срања со кои се бават на ФБ) туку за тоа што му треба на тој што пишува. Затоа што е тој факинг нормален човек и затоа што нормален човек се надева дека има и други како него. Просто, нема тука многу мудрување, со што обично се замараат новите дечки на интернет. Узми цевку и работи. Не губи енергија да ја ловиш публиката; дај им фора на твоите од публиката да те најдат тебе. И ќе те најдат, ако преживееш и издржиш со нерви.

Илина тоа го прави ма-хер-ски. Со љубов, посветеност, знаење и страст со која си го профилираше својот веб простор подобро од каква било медуимска стратегија или ПР тактика.

Браво Илина.

11 април 2017 - 11:33