репринт

Болва во уво

Некој јадник во оваа држава, за да земе плата, морал да ме слуша и да запишува што зборувам. Му завршува работното време, тој се враќа дома, жена му го прашува: "Kој ти се падна денеска?", а овој со наведната глава промрморува: "Oној Трендо".

Да пишуваш за актуелните политички скандали во Македонија е исто како да се обидеш некому да му кажеш точно која секунда од денот тече. Додека си ја кажал, веќе дошла друга. Минатата недела уште не беа легнати изотопите од мојот текст за ураниумот, а пукна ова со прислушувањето. Додека се отпечати овој текст веројатно ќе се накотат пет-шест нови афери. Од типот: пронајдена и втора мозочна ќелија кај Амди Бајрам, уапсен директорот на Македонската филхармонија поради неплаќање ДДВ на виолинските клучеви, Сирма Војвода била хермафродит, македонските пратеници се подготвуваат за масовен штрајк пред ССМ...

Сепак, мора да признам дека со прислушувањето живо се забавував. Доста Димовска нè убедува дека софистицирана опрема за прислушување поседуваат и некои градинки во земјава, Ден Дончев се јавува кај новите шефови во Унгарија и им се колне во двете ушни тапанчиња дека нема врска со аферата, на Љубчо толку му преседнува роденденот што не може второ парче од тортата да изеде, на Трајковски ништо не му е јасно, а Ставре Џиков тврди дека отсекогаш бил жртва на следење и како доказ вади ексклузивна ехо-снимка додека бил фетус...

Згора на сè, уште и јас сум се истопорил во тоа стенограмите. Откако Бранко ме прочита на пресот, жив петел не ми се јавува по телефон, а оние на кои јас ќе им се јавам, откако ќе ме познаат, се прават на удрени. Ми викаат "Гледам супербинго" и ми затвораат.  Замисли, некој јадник во оваа држава, за да земе плата, морал да ме слуша и да запишува што зборувам. Како бре изгледа тоа? Му завршува работното време, тој се враќа дома, жена му го прашува: "Kој ти се падна денеска?", а овој со наведната глава промрморува: "Oној Трендо". Горгоната, со виклери во главата, едвај чека такво нешто за да почне да му ја вади душата: "Знаев дека никогаш нема да стане човек од тебе мрцино една неспособна, животот ми го упропасти скоте непрокопсан, како може оној Ѓоко од вториот влез нон-стоп да го слуша Трајковски, Перо на Цана напамет да ги научи вицовите на Црвенковски, само тебе ти се паѓаат идиоти. Како да си фатен во тоа ушите! Ебате мажот килав што го најдов...".

По сиве овие години во кои се изнагледав сешто, сè почесто се прашувам: ќе се најде ли некој доволно ербап да го покаже вистинскиот стенограм:

јануари 2001
јавувач- Бранко Црвенковски; повикан - Љубчо Георгиевски.
Бранко: "Здраво војводо!" Љубчо: "Здраво сердаре, како си ми денеска? Ми го спопика со ова последново, алал вера." Бранко: "Де бре, знаеш како оди тоа, денеска јас - тебе, утре ти - мене. Ти реков ли јас нешто за она со Нано?" Љубчо: "Аман бе Бане, се зезам. Туку батали политика, Снешка ми е на некој коктел, сам сум дома, наврати да гледаме фудбал." Бранко: "Браво бе Бубе, таман с клет ме фати дома. Што би правеле ние еден без друг?" Љубчо: "Денес без пријател си никој и ништо. Ајде, тргнувај." Бранко: "Тргнувам, ти стави ја смедеревката во фрижидер."
Крај.
Забелешка на прислушувачот (до шефот): "Шефе, знаеш дека никогаш не сум одбил задача, дека чесно си го вадам лебот, ама сега имам една голема молба до тебе. Ако може некоја друга работа да ми се најде, 10 години им ги слушам истите муабети на овие. Со опроштење - преку кур ми се и двајцата."
Однапред благодарен: Трендо.

март 2006. Дневник

1 февруари 2015 - 09:53