веб класици:

Амбасадори, Ми Амор

Не знам дали да ви ги претставувам, пошто мене они ми се легенди. Добро, ај малку: тоа е оној пеjач (Ерол се вика, добар човек и крајно љубезен комшија) кој пее како оној од Хари Мата Хари. Ви текнува?

Шишката често му паѓа преку емотивното чело, патецот е стабилизиран на средината на неговите чувства, а неговиот глас најчесто плови  во немирните води на високите октави, носен од водоотпорните текстови кои крикаат за невозвратените љубови, тажни спомени и други слични бељи.

За запознавање, нумерата Mi amore, во секој поглед репрезентативен примерок на нивниот музички космос. Дејството е сместено во топлата Шпанија (поточно Еспања) а овој емотивно - географски лупинг авторот го изведува со помош на обично но ефикасно спуштање на очните капаци ('вечерва затворам очи и повторно сум во Еспања' - прц!).

Откако еднаш ќе се најде во Еспања, авторот комплетно бива преплавен од спомените на неповторливата летна љубов која му се случила таму. Спомените се живи и сочни, како да се случуваат во риал тајм: летен дожд, коси распуштени (тоа е веројатно онаа иста шишка), гитари чии жици ги полнат луѓето со тага, златни песоци, сини ноќи etc.

Се разбира, тој не би ни затворал очи доколку се работеше за среќна љубов. Јебеш тоа, среќна љубов песна не држи! Не ми е најјасно кај точно се зезнале двајцата ама во песната конкретно е наведено дека таа на крај му поклонила - табакера! Да, да, баш табакера и тоа како 'залог на сите наши тајни љубовни'. Значи, малата очигледно решила да го поткупи за овој да не зборува наоколу за нив а тој после сè - прави песна!

А песната има и спот. Ако не сте го гледале, тогаш останувате духовно осакатени за век и веков. Колку што памтам, автор на спотот е Иван С. Мирчевски и тој тоа доброволно и ничим изазван го призна (што само зборува за интелектуалната смелост на наведениот)!

Кога сте очајни, кога ве боли заб или журката почнува да станува досадна, кога вашиот свет се руши.... постои само едно тројно решение: Амбасадори, Mi a more и затворање очи.

п.с. Никако да го најдеме спотот! Па ни сликче не останaло од нив на ова интернетов (и после верувајте му). Ако некој го има тој видео запис, одма на меил

 

25 јануари 2017 - 11:14