Сите српски мостови

Не може НАТО зликовци толку мостови да срушат колку што Србија може да ги изгради. Додуша, во Долно Власе не било ништо срушено ама тоа не му пречеше на еден локален политички неимар, со сечење лента и сите други предизборни салтанати да пушти во употреба грандиозно дело од цирка 7 метри.

Со свечено сечење лента (растегната на два колца набиени во земја), првиот човек на Дирекцијата за изградба на Ниш го пушти во употреба новиот мост во село Долно Власе, на пар километри од Ниш.

Ова урбанистичко дело кое изгледа како малку накривена бетонска плоча, за навек ги поврза неправедно оддалечените брегови на локалното поточе. Се протега во вкупна должина од 7 метри, широко е 5 метри а властите ветиле дека многу скоро ќе биде монтирана и дополнителна опрема во вид на ограда.

Честа да сече лента му припадна на Бранислав Јовановиќ од партијата на Динкиќ кој ја искористи приликата да најави продолжување на слични проекти со кои ќе се спречи одливот на луѓе од Долно Власе, село кое брои 150 жители.

Јовановиќ тврди дека никој како него не може да се пофали дека во својот мандат изградил толку мостови - вкупно 5. Сосе последниов.

30 март 2012 - 14:31