Зошто Сервантес сакал да биде погребан под манастир?

400 години од неговата смрт, Шпанија ќе организира официјален погреб на Сервантес, откако во јануари археолозите потврдија дека остатоците погребани под Манастирот на босоногите Тринитаријанки во Мадрид се на славниот шпански писател. Тоа било неговата последна желба, да биде во близина на калуѓерките кои му го спасиле животот. 

Во Convento de las Trinitarias Descalzas, спомнатиот манастир, и денес, 400 години подоцна, престојуваат десетина калуѓерки. Да не бил овој нивен монашки ред, најверојатно светот никогаш немаше да го прочита најголемото дело на Сервантес. Пред да го напише „Дон Кихот" тој самиот имал голем број авантури, а една од нив можела да заврши фатално.

Кога имал дваесетина години тој избегал од Шпанија за Рим, откако ранил некој благородник во дуел. Во 1570 се вратил дома и се пријавил во шпанската морнарица. Заминал во војна за да го брани Папата, и притоа е два пати рануван во ребрата и еднаш во рамото, повреда која довела до парализа на неговата лева рака. И тогаш се случило најопасното - бил грабнат од алжирски пирати, кои го третирале како роб. Кај нив минал пет страшни години, сè додека неговото семејство во Шпанија не им се обратило на тринитаријанските калуѓерки.

Овие успеале да соберат откуп и да им го достават на пиратите, на тој начин откупувајќи ја слободата на Сервантес. Тој пак, благодарен за помошта, потоа често доаѓал во манастирот да се помоли. Работел како државен службеник и банкар, а во меѓувреме ја напишал „Дон Кихот", кој денес се смета за првиот модерен роман. Неговата последна желба била да биде погребан во манастирот.

Потрагата по гробот од страна на експертите траеше цела година, за овој месец градоначалничката на Мадрид конечно, четири века по неговата смрт во 1616, да најави официјален погреб и откривање на споменик посветен на Сервантес. Клучна улога во откритието одиграа геофизичарите кои со посебен радар ги испитуваа контурите на заборавените подземни погребни одаи, секако раководени од усните преданија и легенди дека тие се навистина таму.

„Кога го видов тоа ребро, помислив - Конечно го најдовме Сервантес!", вели Франциско Екстеберија, шпански форензичар кој стана славен откако претходно ексхумираше тело на друг писател, чилеанскиот поет Пабло Неруда во 2013.

Написот на новиот надгробен споменик на Сервантес ќе бидат последните зборови кои тој ги напишал пред смртта, во романот „Скитањата на Персил и Сегисмунда":

Времето е кратко,
стравовите растат,
надежите исчезнуваат,
па сепак мојата желба да живеам
ме оддржува во живот.

25 јуни 2015 - 10:46