Уметноста на ривалството

Зошто интелектуалната конкуренција е добра работа?

Нова книга за четири пара креативни конкурентни, чие ривалство помогнало во достигнување нови интелектуални висини.

Бог: Во секој случај, од мене биди без страв;
Таквите како тебе никогаш не сум ги мразел.
Од сите духови што претвораат сè во прав,
Обесеникот ми бил најмалку заплеткан јазел.
Човек лесно попушта на творечкото море ширно
И брзо посакува да безделничи мирно;
Затоа не сакам тој сам, без другар да се бори;
Со другар што ќе го дразни, тој ко ѓавол ќе твори.

Овие стихови од Гетеовиот „Фауст“ го сумираат начинот на кој функционира креативноста, чиј мотор низ историјата често била токму компетитивноста. Во различни области, од спорт преку наука и уметност, не е работата само да успееш, туку и да го сториш тоа на сметка на твојот соперник.

Ова е идејата зад „Уметност на ривалството: четири пријателства, предавства и пробиви во модерната уметност“, нова книга на добитникот на Пулицер, уметничкиот критичар Себастијан Сми (Sebastian Smee). Тој во неа ги раскажува приказните за четири вакви ривалски парови - Мане и Дега, Пикасо и Матис, Полок и Де Кунинг, Фројд и Бејкон, кои ем меѓусебно се инспирирале, ем се обидувале да го надминат другиот.

Не се работи тука само за индивидуална психологија, како некој излегува на крај со интелектуална конкуренција, туку за средбата помеѓу стилови и светогледи, кои низ таа средба даваат нов квалитет. Сепак, ривалството подразбира и многу поприземни нешта кои немаат голема врска со креативноста, како социјалното потекло, саморекламирањето, и просто табиетот.

Како најславен американски пример за „гол егоизам“ во книгата се наведува оној на Хемингвеј, кој се однесувал речиси насилно кон неговите конкуренти. Сметал дека книжевноста е боксерски меч во кој или ќе кутнеш или ќе бидеш кутнат. Притоа не мислел само не неговите современици, туку и на неговите книжевни „татковци“ - Флобер, Балзак и Тургењев, со чие наследство исто така се натпреварувал. Од друга страна, неговиот современик Ф. Скот Фицџералд е наведен како пример на спротивното - тој му направил огромна услуга на Хемингвеј уредувајќи го крајот на неговиот последен роман, „Збогум на оружјето“.

И Езра Паунд, голем поет но напатен човек, никогаш не дозволил неговото его да влијае врз поддршката на негови колеги, како Т. С. Елиот и Роберт Фрост. Великодушноста на Мане кон Дега пак го ослободила вториов од библиските теми со кои се занимавал до нивната средба - Мане го извадил пријателот надвор од студиото на улица, инспирирајќи го да се занимава со модерниот живот.

Отворените ривалства, но и соработките помеѓу конкурентите можат и да надминуваат епохи и географски широчини. Она што на крајот се памти е што останало како дело зад ривалите. Сето останато е тривија.

15 септември 2016 - 22:40