E зошто де

Зошто го игнорираме очигледното?

Во книга под истоимениот наслов Маргарет Хефернан ги истражува менталните и емоционалните механизми преку кои одбираме, понекогаш свесно а понекогаш не, да замижиме во ситуации во кои „сме можеле да знаеме, и сме требале да знаеме, но не знаеме, затоа што тоа незнаење нè прави да се чувствуваме подобро“. Знаете за што зборуваме, нели?

Од катастрофални љубовни врски, до слепа верба кон политичари, овој феномен на заслепеност се должи на тоа што (парадоксално) колку подетално се фокусираме, толку повеќе не го гледаме она што ни е пред очи. Нашето сопствено внимание така станува неволен, но бескомпромисен „дискриминатор“ помеѓу важното и помалку важното. 

Основниот механизам кој нè држи во средовековен когнитивен мрак може да влијае врз сите аспекти од нашите животи, но не е баш дека не можеме да сториме ништо против него. Особено ако знаеме дека влегуваме во некоја ризична ситуација, можеме да ги наштелуваме сетилата и разумот за да не испадне после - „Како можев да бидам при очи слеп/а?“

Во ова Тедх видео Хефернан почнува со тезата за свесното слепило преку приказна за град во Монтана со осумдесет пати повисока смртност од просечната за САД, во кој ниту еден жител, и покрај тоа што бил соочен со факти за канцерогена супстанца во блискиот рудник со која бил покриен целиот град, не сакал да се соочи со вистината, дури и кога негови роднини и соседи умирале од истото. Ова е само еден од бројните примери на намерно игнорирање на опасни ситуации, заради неспремноста за соочување со фактите, колку и да се тие очигледни. 

„Ние не можеме да забележуваме и да знаеме баш сè. Тоа значи дека мораме да го филтрираме и да го уредуваме она што ни влегува во умот. Така, главно внесуваме информации кои прават да се чувствуваме добро, а ги филтрираме оние кои го нарушуваат нашето ранливо его и нашите најсуштински убедувања. Позната е изреката дека љубовта е слепа, она што е помалку очигледно е колку многу докази таа може да игнорира. Идеологијата моќно го маскира она што е очигледно, опасно или аспурдно, и голем дел од нашите животи во таа смисла се одвива во мрак. Она што нè прави такви е страв од конфликт и страв од промена“, вели таа во книгата. 

Овие „слепи места“ во нашите умови изгледа дека сепак имаат и физичка основа. Хефернан го цитира неврологот Роберт Бартон, кој ја проучува биолошката основа на тоа зошто нашите мозоци отфрлаат информации кои ни го шират хоризнтот. Невралните мрежи не ни овозможуваат директен пат од, да речеме, сноп светлина до свеста. По пат има голем број елементи кои „гласаат“ дали снопот ќе стигне до одредиштето или не. Ако тие гласаат против или воздржани, можеби и никогаш нема да го видите. Она што полесно го минува патот е она што веќе еднаш било таму, на што мозокот е навикнат. 

Но дури и да има биолошка и еволутивна основа на свесното слепило, тоа не значи дека не можеме да го контролираме, и тоа со добра комбинација на намера (intention) и внимание (attention). Со самиот факт дека ваквото слепило е одбрано и посакувано, тоа значи дека можеме да го одбереме и посакуваме и спротивното. 

18 август 2016 - 14:32